Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во свое соопштение вели дека на денешното одбележување за старт на градежните работи на коридорите 8 и 10д на автопатот Тетово-Гостивар била ископана само една дупка и дека само една дупка ќе остане ископана поради неспособноста на Владата.
Тие велат:
„Цела влада на СДС и ДУИ на чело со првиот вицепремиер Артан Груби денеска присуствуваа и се сликаа на ископување на една дупка на патниот правец Тетово – Гостивар.
За почеток е ископана една дупка, а со оглед на тоа дека владата единствено ја бидува за криминал, по сè изгледа дека оваа дупка ќе остане единствената градежна активност на коридорите 8 и 10д кои што ќе чинат над 1,3 милијарди евра.
Ова е само еден од милион докази дека не станува збор за историски проект, туку историски криминал на владата на СДС и ДУИ“, стои во прогласот на ВМРО-ДПМНЕ.
Вицепремиерот Артан Груби на денешниот настан истакна дека геомеханичките испитувања ќе значат ископувања со машина на длабочина од шест до седум метри на секои 100 метри на цела траса до Струга за да се утврди составот на земјата и постапката понатаму.
– Каде што сме сега, овде, ќе се гради страничен пат на автопатот. Постоечкиот автопат Гостивар-Тетово ќе се сруши и ќе се прави нов автопат со по три ленти во еден правец и уште толку во другиот правец. Ќе има страничен пат за поврзување на селата, ќе има надвозници, ќе има подвозници – рече Груби.
На новинарско прашање колку пари досега се исплатени на „Бехтел и Енка’“ директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, рече дека има исплатено 117 милиони евра за што имале соопштение на денот кога се пуштени средствата.