Еден ден по собраниската расправа за уставните промени, која заврши без да биде ставен предлогот на гласање, политички партии и нивни претставници јавно го анализираат овој исход. За ВМРО-ДПМНЕ ова е показател за силата на опозицијата, како и порака до Бугарија дека „со Македонците нема играње. За СДСМ настапот на опозицијата е потврда дека „и ова ВМРО-ДПМНЕ, како и тоа на Груевски е против ЕУ“, а опозициските партии на Албанците во Македонија забележуваат дека спикерот Талат Џафери без никаква причина го одложил гласањето за предлогот „за да го продолжи рокот на оваа власт за уште неколку дена, доволно за да заврши уште некоја финансиска трансакција“.
– Беше задоволство да се биде во македонското Собрание затоа што конечно се стави точка. Со оваа точка настрана од нашите внатрешни состојби ние праќаме сериозна порака до сите наши пет соседи дека веќе играње со Македонците нема, а особено кога ВМРО-ДПМНЕ е силно – истакна Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ при вчерашното гостување во емисијата „Вечерното шоу на Богдан Илиевски” на Алфа телевизија.
Николоски додаде дека вчерашната седница беше и силна порака до регионот дека веќе играње со Македонија нема.
– Ова е и силна порака и до Бугарија дека треба да си ги преиспитаат своите национални политики, да видат кај се, да видат кај згрешиле, да се вратат чекор назад и да градат со нас пријателски односи. Доколку сакаат да градат однос на уцени секогаш одговорот ќе биде „НЕ“. А, доколку се спремни да се испочитуваме едни со други, да дадат и тие нешто од себе, да го признаат постоењето на Македонците во Бугарија на пример, и да ги спроведат пресудите од Европскиот суд за човекови права кои што се однесуваат на слободата на здружување на Македонците во Бугарија и изучувањето на македонскиот јазик и бројни други основни човекови права, е тогаш можеме да разговараме на рамноправна основа. Но, доколку не се спремни да го направат тоа, тогаш секогаш ќе доаѓа одговорот „НЕ” – рече Николовски.
Според СДСМ вчерашната седница на Собранието покажа дека „ДПМНЕ дефинтивно е против ЕУ, а Христијан Мицкоски е ист како неговиот ментор Никола Груевски“.
„Вчера ДПМНЕ и Левица покажаа дека немаат никакви аргументи, дека не знаат да дискутираат, дека не знаат како се води дебата. Со огромна леснотија тие покажуваат дека се подготвени да ја блокираат европската иднина на граѓаните, единствено за лични цели, а против подобар живот за граѓаните и остварување на стратешката цел, полноправно членство во ЕУ. Кристално јасно е дека нивната цел не е да испреговараат нов договор, туку нивната цел е да блокираат и да си ги спасат сопствените политички кариери.
Мицкоски сака да ја влече државата назад, само заради неговата фотелја во Белиот дворец, исто како што тоа 11 години го правеше Груевски. Но, проевропската коалиција ќе направи сѐ да ја разбие таа блокада и ќе продолжи и понатаму да работи во интерес на врвните национални и државни интереси, преку обезбедување соодветно мнозинство со кое ќе се продолжи европскиот пат на државата“ – се вели во денешното соопштение на СДСМ.
Партиите Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење во заедничко соопштение забележуваат дека по завршување на дискусиите и исцрпување на расправата, претседателот на Собранието Талат Џафери без никаква формална причина не го ставил на гласање предлогот за потреба за отворање на Уставот.
„Тоа подразбира дека парламентарното мнозинство и оваа влада го знаат исходот од тоа гласање и затоа не сакаа да се соочат со недостигот на потребното мнозинство за уставните измени. Знаејќи дека немањето број од 2/3 од пратениците е и отсуство на легитимитет за продолжување на владеењето, не можеме а да не констатираме уште еднаш дека оваа влада нема грижа што се одолговлекува интеграцијата и можноста за отворање на преговорите со ЕУ кога станува збор за нивната лична власт. Наместо оваа точка да ја стави на гласање, за да се докаже потребното мнозинство, претседателот на Собранието му направи уште една услуга на ова кревко мнозинство, да го продолжи рокот на оваа власт за уште неколку дена, доволно за да заврши некоја финансиска трансакција. Затекнати во оваа ситуација, кога не остана свесна партија на страната на власта за историскиот моментум за државата, ги повикуваме нашите меѓународни стратешки сојузници, ЕУ и САД, да ѝ помогнат на оваа влада, која ги преминува сите црвени линии, да сфати дека веќе е единствениот и директен виновник за неинтеграцијата на Северна Македонија во ЕУ“ – се вели во соопштението на Алтернатива, Беса и на Демократското движење.