Oлег Анисимов, шеф на руската делегација на климатскиот самит во Обединетите Нации вчера се извини за окупацијата неговата земја во Украина, за која рече дека нема оправдување. Ова го тврдат неколку извори кои го слушнале како зборува на виртуелниот состанок кој бил затворен за јавноста.
Извинувањето на Анисимов уследило по наелектризираната изјава во живо на неговата колешка од Украина, Свитлана Краковска, која страсно зборувала за маките на нејзината земја.
– Дозволете ми да се извинам во името на сите Руси кои не можат да го спречат овој конфликт – рекол Анисимов на завршниот пленум на виртуелниот форум од 195 нации, според три извори кои го слушнале како зборува.
Делегатите и набљудувачите биле вчудоневидени кога го слушнале симултаниот превод од руски. Сепак, агенцијата АФП немаше пристап до оригиналната изјава на руски јази.
На прашањето на АФП да даде коментар, Анисимов рече дека неговите изјави „го изразуваат моето лично мислење и став“ и не треба да се земаат како „официјална изјава на руската делегација“.
Анисимов е научник и експерт за арктичкиот регион. Тој работел и на претходните извештаи за климата на ОН како главен автор. Всушност, целта на вчерашниот самит беше да се најде решение за новите климатски проблеми кои беа дадени во нов извештај од 3.500 страници, а кој ќе биде објавен денеска.