Српскиот кошаркар Никола Јокиќ наскоро станува најплатениот кошаркар во историјата на НБА и кошарката воопшто. Според информациите на дел од американските медиуми, во 2026 година Јокиќ би можел да добие нов петгодишен договор од Денвер во вредност од 400 милиони долари.
На тој начин центарот на Денвер би можел да стане првиот кошаркар во историјата на НБА кој заработил повеќе од 400 милиони долари од „супермакс“ договор.
– Никола Јокиќ е најдобриот кошаркар во светот во моментов, и затоа потпиша продолжување на договорот во вредност од 274 милиони долари пред почетокот на минатата сезона. Сепак, во јуни 2026 година би можел да потпише нов договор, првиот од 400 милиони долари како продолжување на актуелниот договор, доколку е за пет години. Тие пари Јокиќ би ги добил без разлика дали повторно ќе ја освои титулата или пак ќе стане МВП, бидејќи зад себе ќе има десетгодишна кариера – објави амерканскиот новинар Курт Хелин.
Србинот сезонава стигна до титулата во НБА лигата и беше прогласен за МВП на финалната серија против Мајами.
Следната година, Јанис Антетукоомбо и Џејсон Тејтум треба да добијат по 334 милиони долари, а во 2025 година Џоел Ембид и Лука Дончиќ се очекува да добијат по 367 милиони долари за „супермакс“ договори.