Струшката фирма „Еко-свет“ вчера по пат на јавно надавање го доби Охридското Езеро под концесија за стопански риболов во период од шест години, за сума од 400.000 евра, објави „Алсат“.
– Постапката за доделување концесија на риби за вршење стопански риболов и организирање рекреативен риболов на Охридското Езеро е во тек. Обврските по однос на порибувањето, количини и улов на риба на идниот концесионер ќе бидат утврдени во договорот за концесијата по изборот на концесионер – изјавиле од Министерството за земјоделство, од каде сепак не ги демантирале објавените информации за новиот концесионер кој го доби на користење најголемото македонско езеро.
Охридското Езеро немаше концесионер од јануари 2020 година, кога на фирмата која ја вршеше оваа дејност, „Летница-Белвица“ државата ѝ ја одзеде концесијата бидејќи не водела точна евиденција за уловената риба.