Охрид утре и задутре ќе биде под засилени безбедносни мерки поради посетата на премиерот на Унгарија Виктор Орбан. Охридската полиција информира дека ќе бидат затворени повеќе улици за сообраќај за да се обезбеди безбедно и непречено одвивање на предвидените активности на унгарскиот премиер и неговата делегација.
Полицијата ги информира охриѓани и гостите во туристичкиот центар дека треба да ги тргнат возилата од паркинзите на одредени улици, како и дека во определен период целосно ќе биде затворена магистралата Кичево-Охрид, регионалниот пат до Свети Наум и повеќе охридски улици и булевари.
„Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај ги известува сопствениците на патнички и други моторни возила дека е потребно да ги дислоцираат возилата од паркинг-местата на булеварот Туристичка, на улиците Коста Абраш и Цар Самоил и на кејот Македонија. На 26.9 и на 27.9.2024 година (четврток и петок), на улиците Илинденска и Коста Абраш ќе биде забрането запирање и паркирање на патнички и други моторни возила. Во текот на движењето на возилата во состав на делегациите, привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај Распаќе, булеварите Туристичка и Македонски просветители, улиците Абас Емин и Кирил и Методиј како и регионалниот пат Охрид-Св. Наум. На 27.9.2024 година, безбедносните мерки во сообраќајот ќе бидат преземани и на подрачјето на Пештани и Љубаништа. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници кои на овие сообраќајници ќе вршат физичко регулирање на сообраќајот“ соопшти охридската полиција.
Претседателот на Владата на Унгарија Виктор Орбан утре и задутре ќе престојува во дводневна официјална посета на Македонија, заедно со делегација од унгарската влада. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски со него ќе се сретне во премиерската вила на 27 септември во 8:45 часот.
„Дополнително, ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација, а на 27 септември во 10 часот ќе се одржи заедничка меѓувладина седница во хотелот Инекс Олгица во Охрид. На маргините на дводневната посета е предвидена прошетка во градот Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а свежо цвеќе премиерите на двете земји ќе положат на споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид“, најави Владата.