Охрид е преполн со туристи, а за новогодишните празнувања најчести се гостите од соседството.
За дочекот на Новата година и годинава најголем број од гостите се од соседните држави, Бугарија, Србија, Албанија, но и од земјава.
Приватното сместување е целосно исполнето и веќе се бара место повеќе. Цените се повисоки од ланските и се движат во зависност од локацијата и луксузноста на апартманот – од 30 до 80 евра за ноќевање.
Повеќето ресторани нудат новогодишна карта или мени, но има и такви што работат и алакард.
Прославата на новогодишната ноќ чини од 1600 до 3000 ден.
Покрај дочекот во кафулињата, рестораните и хотелите, организиран пречек на Новата Година ќе има и на градскиот плоштад со настапи на Петар Нечески, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy.
Новогодишната програма ќе почне денеска напладне со настап на хорот при КУД „Гердан”, а од 13 до 15 часот ќе има новогодишна театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз” и мјузиклот „Трите прасиња”. Новогодишната програма ќе продолжи утре точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон”, како и изведба на проектот „И повторно Евергрин”, со Лидија Кочоска, Влатко Груевски и Андреа Наунов.
Градоначалникот Кирил Пецаков вети весел и незаборавен дочек за 2023 година на градскиот плоштад во Охрид и ги покани сите да бидат дел од новогодишната забава во градот.
Во соседна Струга, пак, организиран дочек на најлудата ноќ нема да има, но градот блеска со светилки и новогодишни реквизити низ центарот, чаршијата, новото шеталиште и кејот на реката Црн Дрим. И таму раздвиженоста е голема, пред се поради враќањето на печалбарите, кои новогодишните празници ќе ги поминат дома.