Охрид распродаден за Нова година

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Како што се наближува крајот на годината така расте еуфоријата околу дочекот на Новата година. Стандардно, и за оваа Нова година граѓаните според своите можности се определуваат каде ќе ја дочекаат. Дел од нив одат на неколкудневни патувања во странство, други во хотелите и рестораните во земјата, а најголем дел се определуваат за дочек дома.

– Со оглед дека годинава нема многу слободни работни денови се определивме да поминеме 3 дена во Охрид. Ќе се сместиме во хотел каде што цената за три дена е 200 евра по човек. Новата година ќе ја минеме на отворено, бидејќи очекуваме убава забава и годинава во овој наш туристички град – вели Снежана А. од Скопје.

Охридските хотелиери и сопственици на ресторани веќе одамна се подготвени за гостите кои годинава доаѓаат стандардно од регионот, но ќе има и странци од други земји. Се продаваат тридневни пансиони, а цените се движат од 200 до 300 евра по човек, зависно од хотелот. Хотелите организираат и свечени вечери на 31 декември, како и отворен дочек на Нова година по цена од 30 до 100 евра, зависно од објектот.

Да се резервира соба во некој од хотелите во Охрид е тешко бидејќи речиси сите капацитети се исполнети, освен по некоја соба која се чува за посебни гости.

– Речиси 70% од хотелите на брегот на езерото, кои имаат спа-центри, веќе ги продадоа пансионите, бидејќи тоа е додадена вредност на хотелските услуги, но и останатите хотели годинава многу побрзо од лани ги продаваат аранжманите. Цените во однос на лани се намалени и, во зависност од капацитетот, се движат од 200 до 300 евра за тридневни пансиони кои се најбарани за Нова година. Со оглед на брзината со која се продаваат пансионите немаме забелешки за корегираната цена – вели Крсто Блажески, претседател на хотелската асоцијација (ХОТАМ).

Блажевски вели дека за време на празниците од католичкиот до православниот Божик хотелските капацитети ќе бидат полни со гости.

– Се продава остатокот од пансионите. Верувам дека овој период ќе биде поуспешен од ланскиот, не само со гости од странство, туку и со домашни гости – додава Блажески.

Најмногу гости има од соседните држави, од кои традиционално најбројни се од Србија, од Бугарија, Грција, Албанија и од Црна Гора. Гости се најавени и од европските дестинации.

Охриѓани велат дека има интерес и за приватно сместување, а дел од гостите ќе бидат сопственици на викендички од други градови.

- Advertisement -
Ad image

И охридските ресторани речиси се резервирани за дочек на Новата година. Таму цените се различни и зависат од категоријата и локацијата каде се наоѓаат. Цената достигнува и до 3.000 денари по човек. Се нуди богато мени и неограничен пијалак.

За случајните посетители, или оние кои во последен момент се одлучиле за Охрид, дел од рестораните и баровите обезбедија отворен влез, без организиран дочек и по редовни цени.

И зимските хотелски капацитети ќе бидат посетени од граѓани, кои освен да ја дочекаат Нова година, сакаат и да скијаат. Цените на хотелите се според зимската сезона и во Маврово се движат од 145 евра по човек, до 210 евра за премиум собите. во Во хотелот Попова Шапка цената за тридневен пансион е околу 100 евра.

- Advertisement -
Ad image

Неограничен пијалак, добра храна и забава со пејачи и ди-џеи е понудата на скопските ресторани за Нова година. Цените се речиси идентични од 2.299 денари до 3.000 денари по човек. Цената на ВИП-картите се движи од 2.699 денари и ултра-ВИП од 2.999 денари, со по едно до 2 шишиња пијалак.

Се нудат и простории за седење на маса, за кои цената е 2.399 денари, со што оди и ордевер и дополнително се одбира пакет пијалак по цена која се нуди во секој ресторан одделно. Има и поволности за првите 100 резервации, кои се нудат за цена од 1.999 денари.

Граѓаните кои годинава се определија да одат во странство ќе платат малку поскапо, во зависност од тоа дали ќе одат во зимски центри, главни градови каде што дочекот е на отворено или на повеќедневно патување. Дочек во Истанбул или во Будимпешта може да се најде за 199 евра, но има и петдневни патувања за Париз, Истанбул, Анталија, Рим, за кои треба да се издвојат од 139 до 800 евра. Има понуди и за подлабоки џебови.

Граѓаните, пак, кои дома ќе се организираат за дочек на Нова година ќе потрошат колку што планирале, но се разбира повеќе од вообичаено.

Share This Article