Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков се обрати на отворањето на фестивалот „Sound of Egypt“ што синоќа се одржа во Охрид. Пред присутните градоначалникот рече:
– Дозволете да го изразам моево задоволство што Охрид е домаќин на овој прекрасен културен настан преку кој доаѓаат до израз нашите заеднички заложби за негување на културата, традициите и обичаите на Египќаните. Тие се важна алка во градење на соживот и меѓусебно почитување и разбирање во општеството. Мултикултурализмот и еднаквоста треба да бидат важен приоритет во нашето секојдневно делување, а унапредувањето на правата на египќаните наша заедничка цел и предизвик. Веселиот дух и темперамент на Египќаните се преточени во нивната песна и музика кои се примамливи за очи и уши и секако битен дел од мултикултурната лепеза на нашава земја. Сите сограѓани независно од верска, етничка или расна припадност се рамноправни и еднакви за мене. Битен е човекот, неговата добронамерност и вредностите кој тој ги негува, а се во насока на општествен развој и напредок. Затоа и понатака ќе работиме на зајакнување на економската и социјалната вклученост на Египќаните во секојдневните општествени текови. Неопходна е продуктивна коегзистенција меѓу верниците и меѓусебно почитување во едно мултирелигиско и мултикултурно општество какво што е нашето. Вакви настани и случувања особено се битни за нас. Тие се уникатна културно- забавна понуда во пост летниот период од годината и привлекуваат гости кај нас, затоа и во иднина ќе ја добиваат нашата поддршка – подвлече градоначалникот Пецаков.