Огромни казни за сопствениците на отпади ако примат неодјавено старо возило

Lorita
By Lorita 12 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Екстремно високи казни до 20.000 евра може да заработат сопствениците на отпади кај нас, доколку примат хаварисано возило, а оваа глоба многумина принудила да ги затворат своите бизниси.

За ваква непријатна случка ни раскажа сопственик на отпад во Скопје, кој откако примил хаварисано возило, подоцна добил казна од инспектори за животна средина во висина од 20.000 евра.

– Дојде еден господин и донесе стара застава „101“ која не беше во возна состојба. Не ни објасни каде било возилото толку време, но сакал едноставно да се ослободи од него и да земе некој денар. Ние најнормално го качивме на вага, ја измеривме тежината и според актуелната цена на старото железо му исплативме за што тој си доби и белешка – вели за Плусинфо сопственикот на отпадот.

Но по неколку дена следел шок за него, откако во отпадот пристигнале инспектори кои по проверка на документацијата и на отпадните материјали, констатирале прекршок за кој му напишале казна од 20.000 евра.

– Искрено, не бев запознаен дека за да се прими цело возило била потребна лиценца која специјално се издава и дека на територијата на целата држава има околу 250 отпади за старо железо, а таква специјална лиценца имале само 2 или 3. Нормално по толку високата казна, повеќе немавме никаква економска исплатливост да работиме и го затворивме отпадот – додава сопственикот.

Како што ни објасни тој, причината за казната била поврзана со бројот на шасијата на возилото, кое најверојатно според него не било одјавено во полиција, а доколку било донесено во делови и исечено воопшто немало да има никаков проблем.

Од Министерството за внатрешни работи нѐ информираа дека постојат законски регулативи според кои сопствениците на хаварисани возила може да ги однесат за да бидат уништени во отпад за старо железо.

– Согласно законските норми, поточно согласно член 40 од Законот за возила сопственикот на хаварисано возило е должен истото да го одјави при органот што го регистрирал и со одјавата во рок од 30 дена од денот на одјавувањето да ги врати регистарските таблици доколку возилото е уништено односно има статус на искористено возило, согласно со прописите за заштита на животна средина. Доколку возилото се носи во отпад за возила, сопственикот на возилото кој е евидентиран во сообраќајната дозвола пред да го носи возилото на уништување истото го одјавува во МВР – при регистрационото подрачје каде возилото се води во евиденција. При одјавување на возилото МВР – регистрационо подрачје каде возилото се води во евиденција издава потврда дека возилото е одјавено и може да се носи во отпад за возила – нѐ информираа од МВР.

Постои Правилник за уништување на старо возило

- Advertisement -
Ad image

Од Министерството за животна средина велат дека глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице за прекршок доколку остава, фрла и/или напушта секаков вид на отпад (отпадни масла, градежен шут, отпадни гуми и друг вид на отпад) во природата или на патишта Закон за управување со отпад „Сл. весник на РСМ” бр. 216/21.

Оттаму велат дека има правилник за мерките за заштита на животната средина кои мора да ги преземат производителите, сопствениците и субјектите кои постапуваат со искористени возила, нивните компоненти и материјали, целите и роковите за нивно постигнување и начинот и условите за складирање, формата и содржината на потврдата за преземање на возилото за уништување, формата и содржината на образецот за известување, како и за начинот на водење на евиденцијата.

– Сопственикот, искористеното возило треба целосно да го предаде на собирниот пункт или на центарот за третман.

- Advertisement -
Ad image

– Предавањето на искористеното возило во собирниот пункт или во центарот за третман треба да се врши без никаков надоместок за последниот сопственик на возилото, односно поседувачот, без разлика дали возилото има или нема пазарна вредност.

– Собирниот пункт и центарот за третман треба да ги исполнуваат минималните технички услови утврдени во член 5 од овој правилник.

– Се смета дека искористеното возило е целосно предадено на собирниот пункт, односно на центарот за третман, ако од него не се отстранети компонентите без кои возилото од ист тип не би можело да се пријави во сообраќај, во согласност со прописите со кои се уредува безбедноста на патниот сообраќај, освен оние компоненти кои при употреба на возилото заради дотраеност често се заменуваат, како што се бришачи на ветробранско стакло и слично, а што не важи за тркалата на возилото и за автомобилските гуми.

– На собирниот пункт, односно на центарот за третман може да се предаде искористено возило и ако не ги исполнува условите од став (4) на овој член, ако истото може да се превезува со товарно возило кое е наменето за превоз на возила.

– За предавање на искористено возило кое не ги содржи основните компоненти, посебно моторот и каросеријата, или пак возилото содржи отпад кој бил додаден во него, сопственикот, односно поседувачот на таквото возило треба да плати надоместок во висина на направените објективни трошоци за нивно отстранување.

– На собирниот пункт не треба да се врши расклопување на искористените возила или друг вид на третман, како и издвојување на материјали и компоненти од возилата, како и собирање друг вид на отпад кој не произлегува од искористените возила.

– Сопственикот треба искористеното возило кое не може да го предаде на собирниот пункт, да го предаде во центарот за третман (Службен весник на РМ, бр. 108 од 31.08.2009 година 7 од 15).

– Искористените компоненти од моторните возила не треба да се мешаат со комуналниот отпад;

– Сопственикот на искористеното возило треба од правното или физичкото лице кое управува со центарот за третман, да добие потврда за преземање на искористено возило за уништување (во понатамошниот текст потврда), со која се гарантира дека возилото е преземено. Потврдата се изработува од бела хартија во А-4 формат, а нејзината содржината е дадена во Прилог 1 кој е составен дел на овој правилник.

– Центарот за третман од став (8) на овој член потврдата треба да ја достави до надлежниот орган за регистрација на возила и до Министерството за животна средина и просторно планирање.

Хаварисаните возила ја загадуваат околината

Хаварисани возила, обраснати со треви и наталожени со прашина, со децении узурпираат јавни површини и паркинзи, и покрај тоа што некои скопски општини организираат акции за нивно отстранување.

Грдата слика што ја остваат крнтиите во близина на детски игралишта и паркови е дополнета со опасноста од нивното скапување. Наместо на депонии што се лиценцирани за да прифатат стари и хаварисани возила, сопствениците ги оставаат на јавни површини на штета на сограѓаните, но и на животната средина.

Проблемот со хаварисаните возила во Скопје не е нов. Општините се со врзани раце затоа што законите не им овозможуваат целосна ингеренција за да можат да интервенираат, но проблем е и тоа што во Скопје нема соодветна локација каде што може да се носат ваквите автомобили. Општините не можат да сторат ништо освен да ги предупредат сопствениците да ги тргнат автомобилите од јавните површини, а тие секогаш можат да се пожалат дека нешто им недостига на нивните возила и да побараат штетата да им бидат надоместена. Таков беше примерот кога Општина Карпош пред повеќе години имаше акција за отстранување на хаварисаните возила, ги собра сите и ги однесе на топење, по што сопствениците ја тужеа Општината.

Од Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска, како и од Јавното претпријатие „Градски паркинг“ уште во понеделникот побаравме објаснување како се справуваат со хаварисаните возила кои со години стојат и скапуваат на јавните површини и неубава глетка, како за скопјани, така и за туристите, но до објавувањето на текстот не добивме никаков одговор.

Според проценките на повеќето општини, на целата територија на Град Скопје има повеќе од 1.000 хаварисани возила кои не се во возна состојба и се огромни загадувачи на почвата и водата, бидејќи во периодите од годината кога има врнежи од дожд се измиваат нечистотијата, прашината и ’рѓата од возилата и паѓаат на земјата.

Сопствениците се емоционално поврзани со крнтиите

Од ЈП ПОЦ за Плусинфо велат дека согласно актуелните законски прописи хаварисаните возила не можат да се уништат без претходно одобрение од сопственикот на возилото.

– Што се однесува до нашата акција, по остварената комуникација со сопствениците се прецизира термин за подигнување на хаварисаното возило со помош на специјално возило-пајак од ПОЦ. Потоа хаварисаното возило се носи до лиценцирана компанија која има дозвола за обработка на хаварисани возила и се мери на вага за товарни возила. Со ова се утврдува тежината на возилото која претставува предмет за надомест кон сопственикот согласно актуелниот тарифник на компанијата. Надоместокот извршен од откупот оди во целост на сопственикот на возилото и се исплаќа на негова трансакциска сметка, а услугата на подигнување и носење на возилото од ПОЦ е бесплатна – велат од Паркинзи Општина Центар.

Оттаму додаваат дека дел од сопствениците на хаварисани возила, за жал, не сакаат да ги отстранат возилата, а притоа најчесто наведуваат емотивни причини за тоа.

– Сепак, мора да се има предвид јавниот интерес, односно дека тие негативно влијаат на функционалноста и естетиката на јавните простори, а неретко претставуваат и пречка/опасност во сообраќајот. Поради ова, ќе следи и акција во соработка со комуналните служби на Општина Центар при која во првата фаза ќе поставуваат известување на секое хаварисано возило по претходно евидентирање на возилата. Доколку сопственикот не постапи кон дислоцирање на возилото, би бил подложен на санкција од инспекцијата во висина до 150 евра, како и евентуално дислоцирање во висина од 3.500 денари и складишнина од наша страна, согласно тарифникот на претпријатието одобрен од Советот на Општина Центар. Што се однесува до сопствениците на отпади, според нашите сознанинија, не подлежат на санкции доколку примат цело хаварисано возило по согласност од сопственикот и соодветна документација – ни објаснија претпријатието.

На територијата на Општина Центар мапирани се околу 160 стари возила, но бројката е менлива, додека едни возила се отстрануваат се појавуваат нови хаварисани возила. Општина Центар досега отстранила вкупно 48 возила.

Share This Article