Актуелниот голман на лондонски Челзи, Кепа Аризабалага, следната сезона ќе ја мине во Реал Мадрид како позајмен играч, потврдија во понеделникот шпанскиот и англискиот клуб официјално.
Овој 28-годишен Баскиец, до денес најскапиот голман на сите времиња, за „кралскиот“ клуб ќе настапува до 30 јуни 2024 година.
Кепа доаѓа во тимот на Карло Анчелоти на местото на Белгиецот Тибо Куртоа, кој заработи тешка повреда на коленото и ќе паузира долго време.
Кепа претходните пет сезони ги мина во Челзи, во кој дојде од Атлетик Билбао за отштета од 80 милиони евра. Со „Сините“ ја освои Лигата на шампионите, Светското клупско првенство, Лига Европа и Суперкупот на Европа.
Официјалното претставување на Кепа пред навивачите на Реал е закажано за вторник во 13 часот и 30 минути.