Очигледен е обидот на опозициските македонски партии да провоцираат тензии во Софија и Скопје со отворање приватен клуб со името на Никола Вапцаров во Благоевград – изјави заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на Министерството за надворешни работи на Бугарија Костадин Коџабашев, јави МИА од Софија.
Според Коџабашев, јасно е дека станува збор за оттргнување на вниманието на јавноста од борбата на Бугарите за права во Северна Македонија.
– Физичко лице, кое се претставува како дел од непостоечка невладина организација, изнајмил приватен простор од друго физичко лице. Семејството на Никола Вапцаров е револтирано од употребата на името на поетот во ваквите провокации, не дало дозвола и го нагласува бугарското самоопределување на поетот – нагласи Коџабашев.
На отворањето на културниот клуб ќе присуствуваат две македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Од друга страна, партијата ВМРО-Бугарско национално движење подготвува протест. Заменик министерот Коџабашев го повика народот во Благоевград да реагира мирно и „да не подлегнува на провокации“.