Пејачката Маја Оџаклиевска престана да пее и речиси целосно се повлече од сцената за да се посвети на семејството и на грижата за нејзиниот внук Лука кому пред седум години му беше дијагностициран аутизам. Го напушти Белград и сега живее мирно и повлечено надвор од градскиот метеж, во мала куќа со градина, во околината на Велика Плана во Србија. Главната причина поради која го промени целиот живот е грижата за внукот.
Маја ја раскажа својата болна животна приказна и борбата за подбро утре на нејзиниот Лука, во емисијата „Како сиот нормален свет“.
– Неговиот аутизам го препознав кога имаше две години. Прво се криеше каде што беше темно, најмногу под масата или под јорганот, и ќе врескаше ако го допреа. Често имаше хистерични напади. Всушност, јас така ги доживував, за подоцна да сфатам дека нешто се случува во неговата глава што го тера да изгледа како да е лут. Имаше исцрпувачки напади, на крајот детето ќе помодреше. Тоа се страшни работи, моравме да се избориме со тоа – раскажува Маја Оџаклиевска.
За да и помогне на својата ќерка, пејачката решила да остави се и ја презела грижата за внукот.
– Бидејќи ќерка ми не можеше повеќе да издржи, решив да се грижам за Лука. Ми се чинеше дека имам уште огромна количина на љубов што можам да ја дадам, и, ете ќе му ја дадам нему, бидејќи многу му треба. По некое време почна да се смирува. Бев со него речиси пет години. Минатата година ѝ го „предадов“ на мајка му, едноставно повеќе немав физичка сила – искрено признава.
Но, Маја и понатаму е тука да помогне секогаш кога им треба и постојано е во контакт со нејзиниот „мал принц“.
– Кога преку Вибер ќе му кажам „каде е мојот принц“, се насмевнува и се радува. За жал, тој е невербален, но толку многу кажува со две насмевки и три погледи, за да можеме слатко да се изнаприкажеме. Поврзани сме и преку музиката. Ние двајца најмногу сакаме заедно да го слушаме Моцарт. Тоа е убаво. Имам снимка што ја пуштам често, и на неа се гледа како пее на таа музика. Тој е многу сладок – вели Маја.
„Бабата херој“, која го има и двегодишниот внук Константинин, истакнува дека нејзиното срце е полно со тага бидејќи повеќе не може да му помогне на Лука.
– Понекогаш посакувам да имам магично стапче кое ќе му помогне да продолжи со својот живот. И тогаш мислам, што е животот во суштина, тој е полн со негативност, агресија, омраза. Можеби за него е подобро да живее во свој свет на бајки и илузии, кои ние како семејство му ги обезбедуваме. Заштитен е од се низ што минуваат другите деца, бидејќи ние како родители не успеавме да им обезбедиме животна сигурност на нашите деца. Можеби е подобро Лука да е некаде далеку, а сепак блиску до оние што најмногу го сакаат – вели Маја Оџаклиевска во својата искрена исповед.