На хрватскиот портал „Кишобран“ е објавен прилог со суперлативни оцени и детален приказ за јубилејната, 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто се одржа од 17 август до 2 септември, во Охрид, со учество на 60 семинаристи од 17 држави. Авторка на прилогот е Ивана Катан од Филозофскиот факултет во Риека, којашто веќе пет семестри, на тамошниот македонистички лекторат ги изучува македонскиот јазик, литература и култура, а годинава, првпат учествуваше на школа на МСМЈЛК при УКИМ. Ваквите одгаси се потврда не само на успешноста на Школата, туку и воопшто на остварениот влог во натамошната посветеност на македонистиката од страна на новите генерации странски македонисти, а едновремено се и значајна афирмација за нашата земја, вклучително и зашто преку прилогот се афирмира и македонското културно наследство.
„Професорите коишто ги држеа лекторските вежби се професионалци, со искуство стекнато и во странство, поседуваат големо знаење и подготвени се секогаш да помогнат… …Покрај лекторските вежби коишто се одрвиваа во прекрасна природа со поглед на Охридското Езеро, секој ден имавме можност да посетуваме и предавања за македонскиот јазик, литература и култура.“ – наведено е во прилогот, со напомена дека преку предавањата, семинаристите можеа да се запознаат и со македонското писмо, мода, музика и сликарство, при што Катан ги издвојува и за неа најинтересните предавања.
Опишувајќи ја атмосферата во текот на наставата, Катан во прилогот пишува: „На првиот час од лекторските вежби, сите семинаристи добивме учебник од којшто читавме тектови, разговаравме за одредени теми коишто ни се блиски на сите, решававме вежби / задачи од областа на јазикот. Покрај задачите од сферата на граматиката, разговаравме и за секојдневни теми, се запознававме меѓуебно при што секој имаше можност да ја престави и својата земја на македонски јазик. Така вежбавме и го учевме македонскиот јазик. Атмосферата секогаш беше позитивна, пријателска и опуштена.“
Во прилогот е опфатена и преведувачката работилница на Школата, при што Катан истакнува: „Сметам дека работилницата беше многу корисна, за сите коишто се бават со преведување и коишто планираат да преведуваат во иднина. Текстовите се преведуваа од македонски на својот мајчин јазик по што се разговараше за преводот и проблемите со коишто семинаристите се судриле во текот на преведувањето.“ Таа го споменува и курсот по народни ора, во вечерите со македонско вино и песни, со како што вели „магичниот залез на сонцето“.
Катан одделно се осврнува на македонското културно наследство, претставувајќи во прилогот и низа историски и културолошки важни информации и сознанија, стекнати во текот на Школата, пред сè за Охрид и одделно за манастирот „Св. Наум“, Вевчани, Битола и подвигот на браќата Манаки итн. Текстот изобулува со импресии, детални описи и фактографија. Во прилогот, посебно место зазема и македонската храна, при што Катан, меѓу другото вели: „Што и да изберете од македонската храна, не може да згрешите. Сигурна сум дека во Македонија нема да останете гладни затоа што порциите се обилни и вкусни, а угостителите секогаш насмеани и љубезни.“
„Освен што ова беше мое прво учество на Летната школа, првпат бев и во Македонија. Многумина семинаристи не беа за првпат дел од оваа Школа. Тие повторно се враќаат на оваа Летна школа, но и во Македонија, бидејќи како што велат, во Македонија се чувствуваат како дома и секогаш се топло угостени, а тоа, сега можам и самата да го потврдам. Покрај тоа што од Македонија понесов голем број спомени, книги и суверини, таму остана и дел од мене. Благодарна сум за стекнатото знање, за многуте пријателства коишто ги стекнав и за срдечните луѓе коишто ги запознав во Македонија. Едвај чекам повторно да се вратам во земјата каде што сонцето вечно сјае.“ – вели Катан во завршницата на прилогот.