Делото на Хусто Хорхе Падрон зазема високо место во поетската ризница на Шпанија и Европа – рече универзитетскиот професор Максимијано Троперо, на синоќешниот омаж поповод тригодишнината од смртта на поетот, носител на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата и на бројни европски награди и признанија. Омажот се одржа во велелепното старо здание на Островската библиотека во Лас Палмас, родното место на Хусто Падрон.
Освен беседата на Троперо, за значењето на поезијата на Падрон говореа и писателите Луис Леон Барето и Росарио Варсалрсел, а кантавторот Луис Фајердо приреди музички рецитал од стиховите на Падрон. Беше прочитана и пораката на Клеопатра Филипова, сопруга на поетот, а свој настап имаа и десетина поети од Лас Палмас.
Освен кај бројната публика, овој омаж наиде на многу добар и широк одглас и во шпанските јавни гласила.