Црвена звезда ќе игра против Глазгов Ренџерс во осминафиналето од Лигата на Европа. Иако многу европски клубови ги раскинаа договорите со руски Газпром, Звезда одлучи да не го прави тоа.
„Газпром е во Звезда од 2010 година. Беше со клубот и кога ни се закануваше клучот од бравата. Можеби Црвена звезда не заслужи ни толкава финансиска помош од овој гигант во тоа време како што ја доби. Се сеќаваме кога ја загубивме лиценцата за меѓународни натпревари и да не беше Гаспром, прашањето ќе беше каде ќе бевме денес. Луѓето кои ја сакаат Звезда никогаш нема да заборават што направи таа компанија за клубот. Беа со нас кога беше најтешко“, изјави директорот на Звезда, Звездан Терзиќ.
И УЕФА соопшти дека нема да ја принуди Звезда да го соблече рускиот спонзор од дресовите на натпреварот од Лига Европа.
„Не добивме барање за отстранување на натписот на Газпром од дресот и искрено се надевам дека тоа нема да се случи. Тоа би било лудо барање“, изјави Терзиќ и додаде дека Звезда добива околу четири милиони евра годишно од Русите.
И српскиот прволигаш соопшти дека не го поддржа исфрлањето на руските клубови и репрезентацијата од натпреварувањето.
„Ние сме револтирани. И ние го поминавме тоа во 1992 година. Во Европа владее антируска хистерија, политиката непотребно се меша во спортот. Ние сочувствуваме со украинскиот народ и со ужасните цивилни жртви, но рускиот народ е близок со Србите и секогаш ќе биде. Русија е суперсила која секогаш била на српска страна“.