Седум години граѓаните чекаат да добијат ревидирана позитивна листа на лекови поради неспособноста и негрижата на владата на СДСМ и министерот Фатмир Меџити, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите досегашни министри за здравство во владата на СДС најавуваат дека граѓаните ќе добијат ревидирана позитивна листа, но тоа ветување и до ден денешен не е исполнето. Пациентите немаат лекови да се лечат, а и тие што се на позитивната листа ги нема или граѓаните ги набавуваат од Косово и од Србија.
Има пациенти кои немаат достапна терапија на позитивната листа а болеста без соодветен третман може само да им напредува. Болните граѓани добиваат стара терапија а за повеќето дијагнози треба по неколку лекови наместо едно апче со повеќе компоненти.
Граѓаните молат за лекови и наместо лекови да бараат во други држави, државата и Меџити имаат обврска да им го обезбедат и за тоа наместо да плаќаат огромни суми, истиот да го добијат бесплатно или по минимална цена“, се истакнува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата го повика министерот Меџити наместо да ветува бесплатно здравство за граѓаните од Косово, веднаш да обезбеди лекови за македонските граѓани.
„Уште колку време им е потребно на Меџити и владата на СДС да ја ревидираат позитивната листа? Седум години не можат да променат една листа, а камо ли пак да го подобрат здравствениот систем и здравствената заштита на пациентите. Уште колку пациенти треба да умрат за Меџити и владата на СДС да се свестат дека е потребно итно ревидирање на позитивната листа и обезбедување на потребните лекови?“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.