Надзорните камери донекаде ги фатиле лицата осомничени дека го ископале тунелот до депото на Вишиот суд во Црна Гора, но четворица биле маскирани со капи. Од депото биле украдени шест пиштоли поврзани со Кавачкиот клан, соопштија црногорските власти. „Филмскиот“ тунел кој потсетува на тунелите на Пабло Ескобар и Ел Чека го копале странци кои во Подгорица дошле од околните држави, вели неименуван извор за Вијести.
Лоцирано е и комбето кое го користеле осомничените. Изворот вели дека освен пиштолот биле украдени и докази од повеќе предмети, но се претпоставува дека крадците намерно создале конфузија меѓу досиејата за да ја сокријат вистинската цел.
Дека докази фалат во депото беше откриено на 11 септември, но дури 20 часа им требаше на службениците на Вишиот суд да откријат дека постои тунел кој води до зграда во стан спроти судот на улицата Његошева. Сопственичката на станот рече дека не ги познавала кираџиите кои престојувале таму.
Три метри на 60 со 70 сантиметри
Подземниот премин долг 30 метри, со отвор со димензии 70х60 сантиметри, најверојатно бил ископан од крајот на јули до минатиот викенд, кога крадците се вовлекле во депото. Тоа бил период кога вработените во судот биле на одмор. Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ изјави дека за копање на ваков тунел мора да постоела помош од лица вработени во самиот суд.
Низ тунелот може да се движи само со лазење.
– Димензиите на отворањето укажуваат дека не било планирано за бегство, туку токму за тоа што го направиле – контаминирале и украле докази за многу значајни постапки против водачите и членовите на организираните криминални кланови, претежно од Кавачкиот клан. Очигледно знаеле што барале, бидејќи во толпата доказни материјали не беше лесно да се најдат суштински материјални докази – изјавил за Вијести соговорник вклучен во истрагата.
Барани биле докази за убиството на Душко Јовановиќ?
Друг извор од безбедносниот сектор нагласи дека треба да се испита дали доказите во случајот со убиството на сопственикот на весникот „Дан“ Душко Јовановиќ се на кој било начин загрозени.
Според еден избор, времето на почетокот на копањето на тунелот се совпаѓа со момент кога Црна Гора побарала помош од ФБИ, американското Федерално истражно биро во истрагата за убиството на Јовановиќ.
Како успеале соседите да не ја чујат машинката како копа?
Поранешниот главен државен архитект на Црна Гора, Мирко Жижиќ, за Вијести изјави дека тунелот до Вишиот суд не можел да биде ископан за краток временски период. Според него, тоа бил долг процес кој можеби траел и три месеци. Тој се чуди зошто соседите на станот во зградата каде води тунелот не слушнале ништо од копањето.
– Не се знае дали рачно копале или користеле „кртови“ (машини). Тоа се уреди кои можат да дупчат под земја. Обично конструкцијата, каблите и цевките ги провлекуваат на тој начин. Да речеме под патот, каде што можете да го срушите горниот дел, веќе се прават тунели. Не знам што користеле, но гледам дека во моментот кога завршиле со копање, направиле потконструкција за да се заштитат, за да не им се сруши тунелот – објасни Жижиќ.