Од секој возач бара да извади работна виза во Шенген зоната што е тешко изводливо

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Превозниците од земјава, како и оние од регионот, ќе се соочат со дополнителни трошоци и отежнато работење во земјите од Европската Унија, ако Европската комисија не гo прифати нивното барање да ги ослободи професионалните возачите од обврската да се придржуваат на ограничениот престој во земјите од Шенген зоната на 90 односно 180 денови.

Унијата веќе еднаш го одби нивното барање за изземање за ограничен престој во Шенген зоната и им предложи професионалните возачи да аплицираат за продолжување на престојот во Шенген зоната што, пак, ќе значи дека ќе треба да добијат работна виза која подразбира вработување и обезбеден престој во Шенген зоната. На 15 јануари Европската комисија треба уште еднаш да расправа за барањето на превозниците од Балканот, Турција и од Молдавија кои бараат изземање од правилото за престој.

Основа за барањето на превозниците е тоа дека професионалните возачи кои возат во Шенген зоната не се патници, туку вршат дејност. Дополнително, сметаат дека патниот транспорт е дискриминиран од ЕУ во однос на останатите транспорти: бродскиот, авиосообраќајот и железничкиот, бидејќи тие се изземени од почитување на овој пропис. Превозниците се сомневаат дека со усложнување на процедурите се прави обид да се присилат возачите да ги затворат фирмите во сопствените држави и да се вработат во компаниите – превозници во Унијата кои остануваат без потребниот кадар за реализирање на транспортот. Тоа, велат ќе биде нов удар за македонските превозници кои претрпеа огромни загуби од загубата на рускиот и источниот пазар, поради санкциите.

– Нашите возачи управуваат со возилото или поточно вршат дејност, не се обични граѓани кои престојуваат во зоната за туризам, образование и слично кои треба да се придржуваат кон обврската да ја напуштат зоната во ограничениот период од 90, односно 180 денови. Застанувањето за товарење или истовар, како и работата поврзана со царинските формалности за стоката што се превезува, исто така, во никој случај не може да се смета за престој. Возачот не влегува со превоз на стока за да остане на Шенген територијата, туку за да ги исполни барањата на економиите на сите земји, вклучително и на земјите од Шенген. Практично, возач како кабинска екипа или екипаж на комерцијално возило секојдневно транзитира низ земјите на Шенген за да стигне до крајната дестинација која е или не е на Шенген територијата. Единствената цел на тоа патување е испорака и испраќање на стоката без никакви задоцнувања и одвојување од камионот. Ова е лесно да се види врз основа на фреквентните премини на надворешните граници на Шенген – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.

За превозниците е нејасно зошто Европската Унија ги дискриминира професионалните возачи во патниот сообраќај во однос на членовите на екипажите на бродскиот, железничкиот или авиотранспортот бидејќи останатите се ослободени од ова правило.

– За ова има повеќе причини, меѓу кои е и потребата од возачи во земјите на ЕУ која од 2015 година па досега е проценета на повеќе од 2.000.000 возачи, бидејќи толку во овој период треба да заминат во пензија заклучно со 2026 година. Информацијата е на ИРУ. Најверојатно некој одлучил да ги привлече возачите од Балканот и другите држави кои не се членки на ЕУ со зголемување на проблемите кои ги имаат при вршење на работните задачи (чекање на граница за влез во ЕУ, депортирање од државите ако имаат надминато 90 дена во 180 дена и примена на многу други нестандардни мерки), со што понудата за работа во земја од ЕУ е многу попримамлива од онаа која ја имаат во матичните држави – вели таа.

Според неа, со стапување на сила на системот ЕЕС (Entry – Exit System) кој е планирано да стапи во сила годинава, македонските превозници, но и од сите трети земји кои не се членки на ЕУ ќе останат без професионални возачи, бидејќи најголемиот дел од нив ќе заминат да работат во земјите на ЕУ што пак ќе значи згаснување на патниот транспорт во земјава.

– Време е надлежните органи од сите држави кои не се членки на ЕУ да се здружат и заедно да се изборат за укинување на дискриминацијата која се прави спрема професионалните возачи кои вршат превоз во патниот сообраќај, доколку не постигнат позитивни резултати, цените за превоз на стока енормно ќе пораснат затоа што превозот ќе го вршат странски превозници од ЕУ со наши возачи. Последиците може да ги предвиди секој, не само фирмите чии стоки сега ги превезуваат нашите превозници – вели таа.

Муратовска додава дека од октомври лани како асоцијација на превозници доставиле дописи до владата, како и министерствата за транспорт и надворешни работи и амбасадата на ЕУ во земјава и транспортната заедница со седиште во Белград, но не добиле никаков одговор.

- Advertisement -
Ad image

– Превозниците сами го доставуваа писмото до своите коминтенти кои имаат фирми во зоните, односно вршат превоз увоз/извоз за други фирми со седиште во ЕУ. За жал, сè уште немаме никакви официјални одговори – вели таа.

Освен самоиницијативно во рамки на државата, „Макамтранс“ се обидува да го реши прашањето регионално и со Турција и со Молдавија. Сега го очекува резултатот од расправата во Европската Унија закажана за 15 јануари на Денот на возачите.

Денеска босанските медиуми објавија дека министерот за врски и транспорт на БиХ, Един Форто добил негативен одговор од Брисел на барањето да им се удоволи на професионалните возачи да бидат изземени од обврската да пријавуваат престој и да се задржуваат 90 или 180 дена во шенген зоната.

- Advertisement -
Ad image

Предлог на ЕУ е професионалните возачи да бараат продолжување на престојот што подразбира дека ќе мора да добијат работна виза, процес кој може да трае недели и месеци, што дополнително го компликува работењето на превозниците, бидејќи уште не се знае какви критериумите ќе бидат воспоставени за добивање работна виза за превозниците, односно професионалните возачи. Аплицирањето за работна виза, подразбира обезбедена работа кај работодавач во соодветната земја, обезбедено престојувалиште и низа други критериуми кои на превозниците ќе им биде тешко да ги исполнат доколку нема посебен систем за нивно аплицирање за работна виза.

Вакво правило од 2016 година воведе Швајцарија за нашите возачи кои и сега чекаат по неколку недели за да добијат работна виза за да можат да возат низ Швајцарија.

И од Здружението за меѓународен транспорт од Србија има порака дека ваквиот пристап е неприфатлив.

Координаторот на логистичкиот конзорциум на БиХ Велибор Пеулиќ изјави дека доколку регулативата остане во сила, цената на превозот ќе се зголеми за 25 отсто.

За утре е најавена средба на претставници на транспортните компании од земјите кои се дискриминирани со регулативата, а ќе ја води Турција. Што ќе одлучат да преземат како контра одговор на веќе очекуваниот негативен одговор ќе се знае по средбата. Најавено е можно блокирање на границите на ЕУ.

Share This Article