На седум избирачки места во Македонија, во Скопје, Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци и во Прилеп, гласале 453 избирачи на парламентарните избори во Бугарија. Тоа е 8 избирачи помалку од ланските избори во октомври.
Според списоците што ги објави бугарската Централна изборна комисија, најмногу пријавени за гласање во Македонија имало во Кавадарци 42, во Прилеп 41, во Тетово 40, во Струмица 22, во Скопје 15, во Битола 9 и ниту еден во Охрид.
Но, бидејќи можеа да гласаат и оние кои не се пријавиле, а и оние кои имаат и времени патни исправи, според бугарски медиуми, бројката на пријавени сепак била надмината, иако „поради заладените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, многу Бугари не се осмелиле да отидат до гласачките кутии“, пренесува Дојче Веле.
Според весникот, најмалку гласачи (7) го оствариле избирачкото право во Тетово.
Медиумите известија дека изборниот процес бил под засилена полициска заштита, а многу гласачи не сакале да се фотографираат заради нивна лична безбедност. Во мирниот изборен ден, единствен инцидент за кој извести БТВ, е поплака од бугарски граѓани за исечена гума на нивното возило, додека гласале во Скопје.
„Бевме во Скопје неколку дена и утрото гласавме во бугарската амбасада. По гласањето, кога требаше да тргнеме кон Бугарија, видовме дека гумата на автомобилот е пресечена. Според мене, тоа е провокација, бидејќи се знае дека имаме избори во Бугарија, а некои сили сакаат да поттикнуваат тензии меѓу Бугарија и Северна Македонија. Мислам дека затоа се случило. Не гледам друга причина. Квартот е тивок, во центарот на Скопје“, изјави државјанка на Бугарија пред камерата на БТВ.