Македонските државни институции реагираа многу хистерично на посетата на косовскиот премиер Албин Курти, а таа хистерија беше дополнета со доза на етнонационализам кој е неприфатлив и е против соработка за добрососедство.
Ова на денешната прес-конференција го изјави потпретседателот на Беса, Блерим Сејдиу, кој истакна дека косовскиот премиер во Тетово бил пречекан со сите државни знамиња и законски постапки.
– Косовскиот премиер Албин Курти беше пречекан со сите државни знамиња и со сите законски постапки, а ние како домаќини не преземаме одговорност за тоа што се случувало во публиката – изјави Сејдиу, веројатно мислејќи на знамето со картата на „Голема Албанија“ што се вееше во публиката за време на настанот.
Тој, сепак, не даде конкретен одговор дали е прифатливо веењето на знамето на „Голема Албанија“, но затоа, пак, обвини дека посетата на Курти го открила национализмот кој се крие во највисоките македонски државни раководители.
– Посетата на косовскиот премиер го откри национализмот кој се крие во највисоките македонски државни раководители, кои, за жал, сѐ уште го кријат овој национализам со демократски јазик. Владата на Македонија се плаши дека мобилизацијата на албанизмот ќе ги отповика шаблоните на политичка соработка со скриена комунистичка идеологија помеѓу Скопје и официјален Белград – изјави Сејдиу.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој уште еднаш повтори дека Курти во Тетово бил пречекан со сите државни знамиња и според сите законски прописи ии тоа сите можеле да го видат.
– Не можеме ние да одговараме за тоа што се случувало во публиката, а на коешто реагирало државното раководство. Премиерот Курти беше во официјална посета на Општина Тетово. Пречекот беше видлив, со фотографии и со видеа, а ги имаше сите државни знамиња – истакна потпретседателот на Беса.