Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува по случајот со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук во врска со нападите на Хамас врз Израел и против него ќе биде поведена дисциплинска постапка односно ќе следуваат соодветни санкции, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир“, се додава во соопштението од МВР.
Претходно, поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, јавно ги праша властите дали ќе биде санкциониран Аднан Синани, началник во Одделот обезбедување во Министерството за внатрешни работи и лице кое работи како лично обезбедување на заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши. Работа која вклучува ВИП обезбедување, учество во домашни и странски делегации и присуство на меѓународни настани.
Синани дал јавна поддршка на нападите на Хамас врз Израел.