More

    Од март следната година минималната плата ќе порасне за околу 1.320 денари и ќе изнесува 22.500

    spot_img

    Од март следната година минималната плата ќе порасне за околу 1.320 денари и ќе изнесува 22.500, покажуваат пресметките на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Синдикатите и бизнисите, сепак, имаат свои пресметки, кои не се совпаѓаат со неговите.

    И со минимална плата од 22.500 денари, износ кој го најави деновиве вицепремиерот, работниците нема да можат да ги задоволат своите основни месечни потреби, велат синдикатите кои додаваат дека ќе ги почекаат официјалните податоци во март следната година за да видаат колку точно ќе биде намален вистинскиот раст на минималната плата, поради владината опсесија со инфлацијата.

    Бизнисмените, пак, се прашуваат како може да се зголемат платите кога продуктивноста на работниците опаѓа или стагнира, а трошоците секојдневно растат. Тие негодуваат што со административни мерки непотребно се зголемуваат трошоците за работа на бизнисите од кои еден се и платите.

    – Кога зголемувањето на платата не кореспондира со продуктивноста, ние имаме проблем. Такво е секое зголемување на минималната плата бидејќи тоа е административна мерка која им се наметнува на компаниите. Посебен проблем имаат компаниите извозници меѓу кои и оние од текстилниот сектор, кои не можат да направат баланс меѓу трошоците и опстанокот на фирмата, бидејќи кај нив исто така има влијание и курсот на денарот, кој е врзан за еврото, но и неможноста поради лон-работење да ги зголемат цените на производите. Дополнително, со стара работна рака, бидејќи не можеме да дојдеме до млада, поради исто така административни мерки, не може да се зголемува продуктивноста и тука се вртиме во круг. Под еден ваков притисок не останува можност за наградување на заслужните работници – вели претседателката на текстилниот кластер Маријана Перковска.

    Според неа, административните мерки, кои одат на штета на бизнисите, придонесуваат да се затворат голем број компании.

    Бизнисмените велат дека и ваква каква што е, новата методологија на утврдување на минималната плата доведува до несразмерност во однос на просечната плата, а тоа влијае на останатите плати кои не можат да растат со темпото со кое расте минималната плата.

    – Земјава е подобра и од европскиот просек во процентуалниот износ на минималната во просечната плата. Тој во земјава се искачи на ниво од над 60%, а во европските земји прагот оди надолу – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
    Синдикатите, пак, во најавата на износ на минимална плата, 4 месеци пред таа официјално да биде пресметана, гледаат обид да се смират работниците пред да им се каже дека оваа плата наскоро нема да порасне. Сепак, велат дека ќе почекаат да ги видат официјалните податоци за параметрите од кои се пресметува минималната плата.

    – Да ги видиме официјалните податоци, па ќе може да кажеме како сето тоа ќе се одрази врз работниците. Но, видливо е дека владата се обидува вештачки да ја намали инфлацијата на очекувано ниво, а со тоа и да ја намали можноста од реален раст на минималната плата. Видовме како инфлацијата падна на 3,5% во услови кога работникот сè помалку има изгледи да преживее со платата што ја добива поради високите цени. Последните пресметки се дека месечните трошоци, оние според пресметките на синдикалната кошничка пораснаа на 49.000 денари што не се покриваат ниту со две минимални плати – вели Трпе Деаноски, член на претседателството на ССМ.

    Според него, голем проблем ќе се јави во јавниот сектор каде што владата не дозволува усогласување на останатите плати со минималната, што ќе доведе до зголемување на бројот на работници кои ќе земаат минимална плата иако дел од нив извршуваат многу посложени работи.

    – Владата инсистира да ја тргне минималната плата како основ за пресметка на платите во јавниот сектор, а сето тоа за да не се усогласуваат платите со износот на минималната плата. Заедно со вештачкото намалување на инфлацијата на сметка на работниците, говори дека владата воопшто не мисли на работниците – вели Деаноски.

    Со Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата утврдено е дека исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со: 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата во земјата, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година.

    Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во претходната година.

    Според податоците од статистиката годинава просечната плата на вработените расте речиси секој месец за околу 14%. Така, таа во јануари порасна за 13,2%, во февруари за 13%, март за 12,4%, во април за 14,6%, мај за 16,1%, во јуни за 14,6%, јули за 14,1% и август за 14,2%.

    Инфлацијата, односно трошоците на живот по месеци изнесуваа: 17,1% во јануари, 16,7% во февруари, 14,7% во март. Априлската инфлација изнесува 13%, а во мај 11,3%. Во јули имавме инфлација од 8,4%, во август 8,3%, во септември 6,6% и во октомври 3,5%.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img