Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска порача дека без преговори, војната нема да заврши“ и дека е подготвен да преговара за повлекување од влезот на Украина во НАТО. Кремљ од своја страна, оцени дека преговорите со Киев се недоволно „суштински“.
Во меѓувреме, 100.000 цивили се заглавени во клучниот пристанишен град Мариупол на југот од Украина, не можејќи да избегаат бидејќи немаат соодветни бегалски коридори.
– Таму веќе не остана ништо, само уранитини – рекол Зеленски во видеобраќање, пренесува Би-Би-Си.
Овој четврток на 24 март, лидерите на НАТО ќе се состанат на вонреден Самит во Брисел за да разговараат за руската инвазија врз Украина. Ситуацијата е затегната. Турција денеска побара НАТО да се фокусира на прекин на огнот во Украина, а мининстерот за надворешни работи Чавошоглу порача дека Анкара како посредник врши притисок и е во комуникација и со украинската и руската страна.
Зеленски пред Италијанскиот парламент побара помош и зборуваше за гладот кој владее во земјата.
– За руските војници Украина е вратата кон Европа која сакаат да ја пробијат, но не смее да се дозволи варварите да го направат тоа. Најлошото е што на некои земји им се приближува гладот. Украина отсекогаш била еден од најголемите извозници на храна, но како можеме да посееме род под руските артилериски напади? – изјави тој, мислејќи на сеидбата на пченката која деновиве почнува во Украина.
Почнува сеидбата во северозападна Украина
Регионот Ривне во северозападна Украина почна со сеидбата на пролетни култури и планира да засее 420.000 хектари и да ги поддржи регионите каде жетвата би можела да биде погодена од војната со Русија, изјави денеска гувернерот Виталиј Ковал.
Во регионот Ривне, во близина на границата со Белорусија, започна сеидбата на пролетна пченица, овес и шеќерна репка, а планирана е сеидба и на други пролетни житарки, сончогледи и соја на големи површини, наведе Ковал во соопштението објавено на социјалните мрежи..
Во Херсон снемуваат храна и лекови за 300.000 лица
Украинското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека на околу 300.000 лица од окупираниот град Херсон им снемува храна и медицински материјал и притоа ја обвини Русија дека спречува цивилите да се евакуираат на територијата што ја контролира Украина.
Портпаролот на украинското Министерство, Олег Николенко, на Твитер напиша дека 300.000 жители на Херсон се соочуваат со хуманитарна катастрофа поради блокадата на руската армија.
„Храната и медицинските материјали речиси исчезнаа, но Русија одбива да отвори хуманитарни коридори за евакуација на цивилите“, напиша Николенко.
Русија засега не ги коментира овие наводи.