Од денеска може да се аплицира за добивање финансиска помош за исплата на минималната плата. На веб-страната на Управата за јавни приходи, веќе е поставен софтвер преку кој може да се поднесе барање за финансиската помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата.
– Работодавачите кои сакаат да користат ваква државна помош, при поднесување на МПИН, во полето 3.23 треба да ја внесат шифрата 405, за сите вработени за кој побаруваат финансиска помош. Работодавачите кои веќе ја исплатиле мартовската плата, а не побарале финансиска помош, истото може да го сторат со поднесување на исправка со внес на шифра 103, само за вработените лица за кои бараат обезбедување на финансиска помош – појаснуваат од Управата за јавни приходи.
Право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите работодавачи кои не се ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или данок на личен доход за вработеното лице. Апликантите мора да имаат статус на активен обврзник и да ги имаат подмирено обврските за исплата на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од февруари или сите следни месеци за кои ќе бараат ваква финансиска помош.
Финансиска помош неможе да користи работодавач кој користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за работници заради зголемување на плата, обврзник кој користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, како и орган на државна и на локална власт и институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија…
Работодавачите кои ќе добијат финансиска помош се должни работникот за кој ќе добијат поддршка да го задржат на работа најмалку една година по завршувањето на користење на мерката. Работодавачите кои нема да го испочитуваат ова правило, по отпуштање на работникот ќе треба во рок од 30 дена да го вратат износот на добиената помош. Оваа одредба нема да важи ако работникот за кои е добиена помош во меѓувреме се пензионира, ако настане смрт или пак ако работникот сам си даде отказ од работното место.
Финансиската помош се остварува по исплата на платата за месецот кој се обезбедува. Исплатата ќе се врши преку Министерството за труд и социјална политика.