Од 400.000 празни станови во Македонија, само 65.000 се во Скопје

Lorita
By Lorita 12 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Различни се ставовите на експертите за тоа дали Скопје треба да се затвори за доселување.

Според едни, градот се гуши од урбанистичката и демографската експанзија и треба да се затвори, но истовремено да се работи на стратешки развој на руралните општини и на подобрување на условите за живот на населението, за да нема потреба да се иселува. Други, пак. сметаат дека и Скопје, како и целата земја, се празнат иако кај градовите се забележува ширење на границите.

Сите се единствени дека ако не се преземат активности за иселувањето на населените места, може да останеме со старо население и без перспектива.

Професорот Мирослав Грчев, експерт за урбанизам, вели дека Скопје не е дојдено во фаза кога мора да се размислува да се затвори за доселување, бидејќи расположливите податоци покажуваат дека градот урбанистички се шири, но нема население кое може да ја следи таа урбанистичка експанзија, бидејќи градот од внатре се празни.

– За да почне еден процес за затворање или отворање на еден град, треба прво да се има доволно податоци и добра анализа за градот од сите аспекти, посебно од демографски и од урбанистички аспект, па да може да се каже дали е дојдено време за негово затворање. Ние немаме точни споредбени податоци за тоа какви се тенденциите во однос на доселувањето и останувањето во градот. Актуелните размислувања главно се темелат на фактот дека се случува големо доселување во Скопје од земјотресот наваму, но во тие факти не се гледа големата слика, според која Скопје демографски стагнира и оди кон исчезнување. Градот демографски стагнира и не се зголемува. Се зголемува само урбанистички, односно неговите граници се шират – коментира Грчев.

Мирослав Грчев: Скопје има нула раст на населението

Според него, само споредбата на два податока говори дека нема потреба да се размислува за затворање на градот. Напротив, овие податоци алармираат дека градот доживува внатрешно празнење.

– Според последниот попис, населението во Скопје за 20 години се зголемило само за 3,9 отсто. Но, податокот не е целосен и податен за анализа, бидејќи не е резултат на споредба на идентична територија на градот од претходниот попис или пописи. Урбанистичките граници на градот за овие години се неколкупати поголеми од оние во 2021 година. Овој процент на раст на населението, може да се каже, е нула раст, бидејќи тоајможе да биде резултат на природниот прираст, а не на доселување. И да е така, тоа не е бројка што алармира. Значи, имаме демографска стагнација, а не бум. Вториот показател се празните станови. Од 400.000 празни станови во земјата регистрирани подолг период, во Скопје се вкупно 65.000. Овој феномен најчесто се поврзува со тоа дека овие станови се сопственост на луѓе од останатиот дел од земјата кои сакаат да се доселат, но во основа не е така. Прашањето на празните станови може да има повеќе одговори. Дека се изградени, а не се продадени, купени се како капитал кој се чува, испразнети поради тоа што нивните сопственици умреле, дека се станови на иселеници или станови од кои сопствениците се иселиле и немаат намера да се вратат… Според тоа, лично мислам дека 65.000 празни станови во Скопје и стагнацијата на бројот на жители се јасен показател дека градот може да се вброи во градовите кои исчезнуваат, а не во оние кои имаат демографски бум кој треба да се намали – вели Грчев.

Дончо Герасимовски: И други градови да се затворат, селата ни умираат

- Advertisement -
Ad image

Експертот за статистика Дончо Герасимовски, пак, вели дека не само Скопје, туку и другите градови во земјата треба да се затворат за доселување, бидејќи населението е преселено во нив, а селата се речиси празни.

– Проблемот на концентрација на населението во градовите во земјава е алармантен и е потребна државна политика тоа да се ублажи и да се спречи. Кај нас имаме состојба на празнење на селата и демографско преоптоварување на градовите и затоа треба да се размислува за затворање не само на Скопје, туку и на сите градови во земјата, за да не се доиспразнат селата. Во 20 градови во земјава живее 70 отсто од населението од општините. Во општината Штип, како екстремен случај, во градот живее 91, 6 отсто од населението, а има 42 населени места. Таква е состојбата и со Прилеп, Битола, Охрид, Кавадарци, Кочани. Според тоа, проблемот не е само Скопје. На другата страна имаме 205 празни села, а се предвидува дека следите години бројот да порасне на 500. Дури 684 населени места имаат до 100 жители. Во добар дел на руралните општини населението има 60 до 70 години, што значи им претстои да бидат испразнети. Во дури 218 населени места има помалку од 10 жители. Сето тоа зборува многу за политиките што се преземани во изминатите години – вели Герасимовски.

Тој смета дека последиците од пренаселеноста на градовите се видливи преку задушување на нивната инфраструктура, загаденоста, а урбанистичката експанзија го уништува земјоделски површини и зеленилото.

- Advertisement -
Ad image

– На другата страна, пак, селските средини со години се запоставени. Немаат никаква инфраструктура, немаат економски објекти и тие што ги имаше се затворени, со еден збор нема услови за живот. Да бидеме искрени, ако не можеш да стигнеш до селото, зошто би живеел таму. Или, ако имаш завршено факултет, каде ќе работиш на село? Тоа говори за причините за миграцијата на луѓето кон градовите. Затоа се потребни мерки ова население што остана во селските населби да се задржи таму – вели Герасимовски.

Кисела Вода и Карпош со негативен прираст, но бројот на жители е зголемен

Што се однесува до Скопје, тој вели дека миграцијата го зголемила бројот на населението и во деловите од градот каде што стандардно има негативен прираст на населението.

– Кисела Вода и Карпош се такви примери. Таму 20 до 30 години се регистрира негативен прираст, но бројот на жители е зголемен. Скопје, па и другите градови, статистички имаат помал број жители отколку што фактички има луѓе што живеат во нив. Тоа е така, бидејќи не се води евиденција, односно регистрација на престојот на луѓето со лична карта од другите делови на земјата. Па така, имаме состојба пред зградите да гледаме паркирани коли со регистрации од други градови, значи скопјани со лична карта од други градови. Статистички бројот на жители се попишува според претежно место на живеење, а не според личната карта, па за градот се прикажува помала бројка на жители од вистинската – појаснува Герасимовски.

Герасимовски прави споредба на градови кои имаат актуелно демографско доселување како Скопје и затворени градови.

– Пример е Белград, кој како и Скопје е отворен град и подлежен на демографско доселување. Во него живее една четвртина од населението во Србија. Затоа, пак, во Љубљана, која има забрана за доселување, бројот на населението е 250.000 од 1945 година. Но сето ова е резултат на политиките што се воделе во овие земји – вели тој.

Марјан Николов: Скопје сепак треба да се затвори

Економистот Марјан Николов смета дека е добро да се затвори Скопје за натамошно доселување, бидејќи како метропола треба да ги задоволува условите и критериумите за удобен живот.

– Има многу работи кои одат во прилог на затворање на Скопје за натамошно доселување. Ако сакаме тој да биде метропола треба да овозможиме квалитетот на живот да биде на повисоко ниво. Но, ние немаме никаква емпириска студија дека ваквото урбанистичко ширење на градот придонесува за намалување на квалитетот на живот, иако тоа е видливо и без таква студија – вели Николов.

Економски гледано, додава тој, државата треба има стратегија со која ќе спаси нешто кое со години се оставало стихијно да се одвива, да го намали иселувањето селата и полнењето на градовите.

– Имавме добра идеја за развој на регионите, но таа не се спроведува. Не се издвојуваат доволно средства за тоа, иако требаше 1 отсто од БДП да биде наменет за регионален развој. За намалување на иселувањето воопшто , дали внатрешно или кон светот, потребна е поголема посветеност за подобрување на условите за живот во селските средини за да се задржат младите таму. Државата треба да дава поволни кредити со поголем грејс период, за да овозможи младите кои сакаат да отворат фирми или да се занимаваат со земјоделство да го направат полесно тоа. Во дел од селските населби жителите немаат и основни егзистенцијални услови. Треба да има најразлични стимулации, но главно треба да обезбеди патна, канализациска, водоводна, здравствена,  образовна инфраструктура, со еден збор институционално и економски да ги зајакне. Во спротивно, ќе имаме празни села, но и држава, бидејќи веќе се соочуваме со стареење на нацијата, недостиг на работна сила, намален наталитет и висока смртност – вели Николов.

 

ШТО ВЕЛИ СТАТИСТИКАТА

Скопје, според последниот попис, за 2 децении стана град во кој живее речиси една третина од населението. Во него, се евидентирани 526.502 жители со 171.171 домаќинства и 213.850 станови. Населено место со најголем број на жители е Аеродром со 75.108 каде што има и најголем број на домаќинства 27.026 и изградени станови 34.415.

Дури 60 општини во земјата имаат изгубено голем процент од своето население, дел со внатрешни, а дел и со надворешни миграции. Најдраматична е ситуацијата во Центар Жупа, Маврово и Ростуша и во Ново Село, кои изгубиле од 39 до 42 отсто од населението од последниот попис.

Иселување имало и од Гевгелија, Неготино, Гази Баба, Чаир, Центар и Долнени, но таму бројките се далеку помали и се движат под 10 отсто.

Дури 205 населени места станале „села на духови“, како последица на внатрешната миграција, но и на големиот иселенички бран на Балканот, кој не ја поштеди ниту Македонија.

Според пописот од 2002 година, во земјата беа избројани 2.022.547 жители, 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Најмала општина во земјата е Зрновци, а најголема Куманово.

Share This Article