Од 1 јули ќе стартува проектот со еден „таг“ да се плаќаат патарините во земјите од Отворен Балкан, потврдуваат од јавното претпријатие „Државни патишта“ од каде што велат дека е при крај тестирањето и проверката на системот.
Тоа значи дека наместо да запираат или да купуваат дополнителен уред или картичка, возачите ќе може со еден уред да платат патарини и во Македонија и во Србија.
За почеток проектот ќе почне да се реализира меѓу земјава и Србија, а подоцна ќе се вклучи и Албанија. Превозниците и граѓаните кои користат „таг“ за наплата на патарините се задоволни од ова олеснување, посебно во време кога на патарините има голем метеж.
– Во оваа фаза се отклонуваат сите проблеми што се појавуваат во системот од наша страна и од страна на „Путеви Србије“. Ние правиме напори до крајот на месецов да заврши тестирањето и да се отклонат сите проблеми што се појавуваат во оваа фаза – велат од велат од ЈП „Државни патишта“.
Оттаму додаваат дека Србија во оваа фаза имала предност бидејќи кај нив веќе функционира овој систем.
– Сепак, откако отпочна тестирањето и од нивна страна се појавија проблеми коишто се решаваат тековно – велат од ЈП „Државни патишта“.
Проектот, кој е најавен пред две години, прво беше навестено дека ќе профункционира во септември лани, но како последица на неподготвеноста на македонското претпријатие да се приклучи на заедничката платформа, беше одложен.
– Потребен беше одреден временски период за реализација на интеграција на системите за наплата на патарина. Исто така, потребно беше да се изработи безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакциите – појаснуваат од ЈП „Државни патишта“.
Како што е најавено на почеток, оваа поволност ќе ја користат граѓаните и компаниите од земјава и од Србија, а потоа ќе се приклучи Албанија. Интерес за вклучување во проектот има и од Црна Гора и од Босна и Херцеговина.
– Република Албанија има само една наплатна станица којашто е под концесија и во овој период сè уште не може да се приклучи на проектот, но во иднина кога ќе се создадат услови ќе се вклучи и таа во Отворен Балкан – велат од ЈП „Државни патишта“.
Според анализата направена за проектот, утврдено е дека годишно 300 000 камиони кои користат „тагови“ ги минуваат границите на трите земји членки на иницијативата Отворен Балкан. Дополнително голем број граѓани ги користат „таговите“ за полесно плаќање на патарините. Летниот период кога масовно се користи Коридорот 10 за одмор во Грција бројот на возила кои поминуваат на границите неколкукратно се зголемува.
Се очекува овој систем да го зголеми бруто домашниот производ на секоја учесничка во проектот за 1%, а доколку се воспостави на целиот Западен Балкан би пораснал дури за 3,5%.
Со единствениот систем на патарина ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се намали метежот на автопатиштата. Новиот начин на плаќање патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, а предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стисаат до посакуваната дестинација.
Граѓаните и превозниците се задоволни што им се олеснува возењето по патиштата на земјите од Отворен Балкан.
– Системот Отворен Балкан – електронска наплата на патарини (Open Balkan ETC) ќе биде добар за превозниците кои на овој начин побрзо ќе се движат на патарините, без да чекаат кога ќе има колони, а оваа можност е добра и за граѓаните кои го користат „тагот“ за плаќање патарина. Се надевам дека и земјите кои сакаат да се вклучат во Отворен Балкан ќе се приклучат на системот и ќе овозможат побрз проток на патиштата што е важно за нас превозниците, посебно оние кои возат расиплива стока – вели превозник.
Цената на еден уред за електронска наплата на патарина (ТАГ) изнесува 1200 денари и минималниот износ за надополнување при купување е 300 денари. Износот на секое наредно надополнување не може да да биде помал од 300 денари.