Обраќање на сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска на отворањето на регионална конференција на високо ниво „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки“

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, денеска се обрати на отворањето на регионалната конференција на високо ниво „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки“, што се одржува во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија. Конференцијата, чиј домаќин е г-а Ѓоргиевска, се одржува во соработка со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, а под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

 Во своето обраќање, г-а Ѓоргиевска истакна дека телесната автономија е основно човеково право, а сепак како такво останува неостварливо за премногу жени и девојки ширум светот, потенцирајќи дека собирот има за цел да поттикне дијалог и да ги засили гласовите на оние кои долго време се маргинализирани.

 „Оваа конференција нека биде доказ за нашата посветеност, нашето сочувство и нашата колективна волја да направиме разлика“, рече г-а Ѓоргиевска во своето обраќање.

На воведната сесија се обратија и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија, Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите Нации во Северна Македонија и Диене Кеита, заменик-директорка (програма) на УНФПА преку видео-обраќање.

 Преку 4 панели на различни теми, говорниците на конференцијата ќе дадат преглед на остварувањето на телесната автономија, ќе дебатираат за бариерите за пристап до здравствена заштита, образование и економски можности.

 На последниот панел на конференцијата, што започнува во 16:00 часот, ќе се обратат Арманда Бегај, сопруга на претседателот на Република Албанија, Мирела Беќировиќ, сопруга на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на Република Северна Македонија, Тамара Вучиќ, сопруга на претседателот на Република Србија и Алеш Мусар, сопруг на претседателката на Република Словенија. Преку видео порака ќе се обратат и сопругите на претседателите на Република Хрватска и на Украина, Сања Мусиќ- Милановиќ и Олена Зеленска.

 На Конференцијата присуствуваат околу 100 претставници од државата и од регионот на Источна Европа и Централна Азија, ООН, меѓународната заедница, креатори на политики, жени лидери, претставници/чки на граѓанското општество, на младите, експерти и други засегнати страни.

 Телесната автономија и сексуалното и репродуктивното здравје и права се клучни за напредокот кон родовата еднаквост, постигнувањето на Целите за одржлив развој на ОН и целите на Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) што се одржа во Каиро, Египет, во 1994 година.

 Во продолжение е интегралниот текст од воведното обраќање на г-а Ѓоргиевска.

- Advertisement -
Ad image

Видео-материјал:

„Дами и господа,

почитувани гости,

- Advertisement -
Ad image

почитувани учесници,

 Со големо задоволство Ви упатувам топло и срдечно добредојде во Скопје на секој од вас.

 Чест е да се биде домаќин на овој значаен собир чиј покровител е претседателот на Република Северна Македонија, и воедно сум среќна што настанот го организираме заедно со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).

 Телесната автономија е основно човеково право, а сепак, како такво останува неостварливо за премногу жени и девојки ширум светот. Од огромна важност е тоа што се собравме денес овде за да поразговараме за ова прашање и да работиме во насока на донесување на значајни промени. Преку овој собир, имаме за цел да поттикнеме дијалог и да ги засилиме гласовите на оние кои долго време се маргинализирани. Овде сме да слушаме, да учиме и да трасираме пат напред кој ќе ја почитува и кој ќе ја поддржува автономијата, достоинството и правата на жените и девојките.

 Фондот за население на Обединетите нации, нашиот ценет партнер во овој потфат, е во првите редови кога станува збор за застапувањето на правата на жените и девојките ширум светот. Заедно, ќе работиме неуморно за да осигураме дека моќта на изборот е реалност за сите, без оглед на нивното потекло или околности.

 Ви благодарам на сите што сте овде денес, за вашата посветеност на оваа кауза и за вашата непоколеблива поддршка. Оваа конференција нека биде доказ за нашата посветеност, нашето сочувство и нашата колективна волја да направиме разлика.

Share This Article