Институтот за земјотресно инженерство ИЗИС смета дека Универзалната сала во Скопје е во опасност да се урне, поради тоа што подолго време е оставена отворена и не се реконструира, информира министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите.
– Во јуни годинава добив две известувања од ИЗИС дека Универзална сала веќе е во опасност и дека може да падне. Многу долго е отворена, а следува време на зима, на дождови, на ветрови и на снегови и мора да се затвори. Затоа, јас неколку пати се јавував, апелирав и на последната прес-конференција, а градоначалничката (Данела) Арсовска рече дека службите го подготвуваат процесот. Но, Универзална сала уште е на Град Скопје. Тоа е децентрализирана установа на Градот – рече Костадиновска Стојчевска.
Таа информираше дека Градот и Министерството за култура сè уште немаат потпишано договор за примопредавање ниту на ингеренциите за реконструкција, ниту на проектната документација.
– Постои само една одлука на Совет која што ја изгласаа советниците и толку. Отогаш, со службите во Град Скопје се обидувавме да комуницираме, но немавме никаков одговор. Пред два дена правниот сектор во Министерството за култура направи договор за примопредавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала и го прати до Градот. И денеска добивме одговор дека утре ќе имаме состанок со нивниот сектор и се надевам дека ќе има некое поместување – рече Костадиновска Стојчевска.