Објавите на социјалните мрежи „за двојните аршини“ на полицијата, од страна на милијардерот Илон Маск, не се корисни во ова време на широко распространет неред во Велика Британија, соопшти полицијата на Вест Мидленд, а објави Би-Би-Си.
Началникот Емлин Ричардс ги отфрли неговите тврдења за немирите во Бирмингем и рече дека полицијата нема двојни стандарди во Западен Мидленд.
Маск реагираше на видео на кое се гледаат гневни толпи, главно од муслимански мажи, пред Кламзи Свон во Јардли каде што се случи неред во понеделникот вечерта.
Министерот за заедници, Џим Мекмахон, исто така, ги отфрли тврдењата на Илон Маск.
Маск го означи англискиот премиер Кир Стармер во објавата во вторникот, прашувајќи се зошто сите заедници „не се заштитени“ во Британија, но полициските сили возвратија со изјава дека „ќе вршат полициска должност без страв или селективност“.
– Двојни стандарди во полициската работа не постојат во Западен Мидлендс – рече началникот Емлин Ричардс.
Маск даде низа коментари на социјалната платформа Икс по насилните немири во Велика Британија.
Тој посочи дека „граѓанската војна е неизбежна“, а полицискиот одговор е „едностран“, меѓутоа, портпаролот на премиерот рече дека „нема оправдување“ за коментарите на Илон Маск.
Полицијата на Вест Мидлендс рече дека објавите на Маск не биле корисни во овој момент, но луѓето имаат право да го изразат своето мислење.
– Ова е време за заедниците да се обединат и да се поддржуваат едни со други – рече Ричардс.
Тој додаде дека се почитува правото на луѓето да протестираат, но протестите треба да бидат законски и мирни.
– Ако луѓето се вмешани во криминал, полицијата на Вест Мидлендс немилосрдно ќе ги гони и ќе ги изведе пред лицето на правдата. Мојата молба до заедниците е да бидат крајно внимателни на неверојатно штетното ширење на дезинформации на социјалните медиуми во моментот – додаде тој.
Министерот за заедници, Џим Мекмахон, исто така, ги отфрли тврдењата дека полицијата постапува со некои групи построго одошто со другите во време на неред.
Тој изјави за Тајмс радио дека го разбира наративот што Маск и другите го кажуваат кога зборуваат за полиција со „двојни аршини“, особено во врска со контрапротестот во Бирмингем.
Поранешниот извршен директор на Твитер, Брус Дејсли, вели дека Илон Маск е „интересен предизвик“ за Обединетото Кралство бидејќи не само што го поседува Икс, туку и самиот е „прилично токсичен корисник на платформата“, пишува Би-Би-Си.
– Тој е во голема мера одговорен за враќањето на Томи Робинсон на Твитер, а потоа и како корисник на платформата, засилувајќи го неговиот глас до тој степен што тој се претвори од неважен фактор во политиката во едно од најголемите имиња кои потенцијално го оркестрираат овој тековен расен конфликт. Значи, мислам дека Илон Маск игра прилично клучна улога и затоа е предизвик обидот да се забрани или да се регулира она што тој всушност го прави во моментов – рече Дејсли.