Избор од поезијата на Лидија Димковска, претежно од нејзините две последни поетски збирки „Црно на бело“ (2016) и „Гранична состојба“ (2021, награда „Браќа Миладиновци“) деновиве е објавена во Велика Британија и во Хрватска.
Книгата во препев на англиски јазик на Љубица Арсовска, Патриша Марш и Пеги Рид ја објави британската издавачка куќа „Wrecking Ball“ која на корицата на книгата помести три куси рецензии: британската поетеса Фиона Сампсон истакнува „Лидија Димковска, која е една од водечките писатели на југоисточна Европа, пишува како никој друг. Во овие Избрани песни беспрекорно преведени, ја слушаме горчината на нејзиното интелигентно сочувство, начинот на кој таа ги преплетува фантазијата и горчливото искуство и како нејзиниот трагачки поетски поглед лови тешки вистини“.
Британската поетеса Хелен Морт истакнува дека овие песни се „болни, забавни, мудри, разоружувачки“, а Гоце Смилевски истакнува дека тоа се „песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Лидија Димковска“.
Книгата во препев на хрватски јазик на Борјана Прошев-Оливер ја објави хрватската издавачка куќа „Сандорф“, а уредникот на корицата на книгата истакнува дека „Димковска поседува силен, радикален поетски исказ „црно-бело“ што би го посакале многумина поети, без разлика на нивниот пол-род-националност-раса. Димковска е авторка која читателот мора да ја совлада со критичката моќ на сопствената острина, радикалност и подготвеност за болни „гранични состојби и катарзични искупувања.
Наскоро избрана поезија од Лидија Димковска ќе излезе и во препев на бугарски јазик на Поли Муканова во издавачката куќа „ДА“ во Софија.