Објавен е првиот критички одлгас за првиот и досега единствен роман за Блаже Конески – „Излезе сејачот да сее“ од Паскал Гилевски, кој излезе од печат минатата година. Авторка на рецензијата за овој, најнов роман на Гилевски е универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, која важи за исклучителен проучувач и почитувач на делото на Конески.
– Романот „Излезе сејачот да сее“ со сите свои и фикциски и фактички моменти е вистински споменик за Конески, за оној Конески што не го познаваме, за оној Конески надвор од сите негови книги, ститии, песни, граматики, истории што ни ги остави во аманет, нагласува Мојсова-Чепишевска.
Според неа, овој роман за Конески е граден низ силна дијалошка форма на повеќе култури.
– Па така, овде не разговара само Гилевски со Конески, туку разговараат и Блаже Конески и Иво Андиќ, Блаже Конески и Мирослав Крлежа, Ѓула Илјеш и Блаже Конески, Конески и Шандор Петефи, Конески и Ласло Наѓ, но и Конески и Пол Елијар на „закажаните средби“ од страна на Паскал Гилевски, исто онака како што на маса во кафеана наздравуваат францускиот коњак, чашата џин и шишето кавадаречко црвено вино. Овде разговара македонската култура преку своите најеминентни претставници и со унгарската, француската, грчката, српката (па) и бугарската култура, напоменува Мојсова-Чепишевска.
Во критичкото микрочитање на ова прозно дело, таа го отвора и прашањето зошто Гилевски го насловува токму така ова свое остварување, кое, според неа, колку што е роман за Конески, толку е роман и за Гилевски и за сите оние од генерацијата на Конески и од генерацијата на Гилевски, поточно за сите што имаат вистински удел, помал или поголем од тие 60-ти години на минатиот век кога започнува да се испишува современата (модерната) македонска книжевна и културна сцена па наваму. Зашто и во романот на Гилевски е напоменато: „… што ќе правевме ние без да го имаме Блаже, се разбира и една плејада други таленти, виртуозот Шопов, длабокиот и возвишениот, магичен прозаист Славко Јаневски, Митрев, бушавиот вдахновен естетичар, па Гане, тој урагански лирик и други и други.“
Поврзувајќи го насловот на романот со параболата за сејачот од Новиот завет, односно за семето кое и покрај сите неуспеси, на крајот успева да пушта корен и да дава голем принос, да дава храна која ќе ги храни и телото и душата, Мојсова-Чепишевска укажува на прашања на кои поттикнува делото на Гилевски: Беше ли таков сејач нашиот Конески и остави ли безброј оптимистички параболи?
Според универзитетската професорка, поупатениот читател ќе се насочи и кон краткиот осврт или малиот есеј на Конески, со ист наслов како и овој роман „Излезе сејачот да сее“, првично објавен во списанието „Одјек“, во 1979 година.
Во тој текст, христијанската парабола за сејачот, како што е нагласено во рецензијата, Конески ја употребува со цел отворено да зборува за литературното влијание и низ метафоричната слика за семето како збор да го искаже своето противење кон ставот дека литературното влијание е некаков механички процес. „Впрочем ова е и клучната идеја која ја носи целата приказна во романот ’Излезе сејачот да сее’ на Паскал Гилевски.“ – нагласува Мојсова-Чепишевска.
По осврнувањето на релацијата на Гилевски со Конески, засведочена во ова дело, но едновремено и релациите на Гилевски со роднокрајот во Грција (Егејска Македонија) и со Унгарија, кои се рефлектираат во нарацијата, „Излезе сејачот да сее“, Мојсова-Чепишевска ги исчитува и преку четири модалитети на сеќавањето.
– Првиот модалитет се врзува со сведокот, како актер на сеќавањето и очевидец на конкретен настан/инцидент од минатото, и секако безрезервно за мене тоа е самиот автор – Паскал Гилевски. Преку него се филтрираат големите имиња на македонската и книжевна и воопшто културна сцена. Така, Гилевски ги исцртува соѕвездијата на македонската култура како автохтона, но и како дел од тогашната југословенска култура, исцртувајќи го на тој начин и македонското и европското ѕвездено небо, посочува Мојсова-Чепишевска во рецензијата.
Вториот модалитет на којшто таа упатува, гравитира кон споменот, додека третиот модалитет се чита како сувенир – како артефакт, предметен доказ, непосредно или асоцијативно поврзан со минато доживување, најчесто патување, и тој според неа најсилно е изразен преку интимна поврзаност на Гилевски со Блажевата книга „Везилка“, при што личниот сувенир, сега веќе е и национален. Четвртиот модалитет на кој посочува Мојсова-Чепишевска се врзува со самиот споменик, како монументална градба што ја поддржува архитектониката на сеќавањето, бидејќи во романот на Гилевски е истакната идејата за Конески како споменик што се движи.
Преку микропрочитот од Мојсова-Чепишевска на „Излезе сејачот да сее“ од Гилевски се отвораат и низа други прашања кои задираат во нашата книжевна и културна историја, но едновремено и во исчитувањето на современата биографска проза.
Инаку, Весна Мојсова-Чепишевска е и авторка на книгата „Конески како тестамент“, на чија промоција минатата година и укажа на потребата покрај преку поезијата и музиката, на Конески да му се посвети внимание и преку другите форми на уметнички израз. „Во овие форми на уметнички израз, не се очекува Конески што го знаеме од книгите и книжевните теории, Конески како лингвист или препејувач, туку Конески како обичен човек. Затоа што навистина, тој е нулта точка – точка од којашто сè почнува и во којашто сè се слева од севкупната македонска уметност и воопшто македонска култура.“ – нагласи тогаш Мојсова-Чепишевска.
Интегрална објава на рецензијата: https://lektira.mk/kritika/dali-golemite-lugje-mozhe-da-bidat-srekjni/