Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за стипендии за ученици во средно образование во учебната 2022/2023 година. Девет видови стипендии се со месечен износ од 3.500 денари и корисниците ќе ги добиваат 9 месеци односно додека трае наставата. Стипендиите за ученици Роми се распределени во 4 категории и се со различни износи. За сите видови стипендии може да се аплицира од денеска до 13 ноември 2022.
1500 стипендии се за ученци кои се запишани во паралелки во стручно образование во кои ќе се реализира практично образование со зголемен број часови, согласно програмите за стручно образование од јавните средни училишта.
500 стипендии се наменети за ученици кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење.
Ќе бидат доделени 900 стипендии за социјална поддршка на ученици во јавните средни училишта. За ученици кои се од наставни програми од угостителско-туристичката струка, електротехничка, градежно-геодетска, земјоделско-ветеринарна, машинска и текстилно-кожарска струка МОН ќе додели 240 стипендии.
За талентирани ученици спортисти се наменети 150 стипендии, за ученици со посебни потреби ќе бидат доделени 120 стипендии. Сто стипендии се за талентирани ученици од средното образование од областите на природните и техничките науки, 50 стипендии за талентирани ученици од областа на уметностите и 50 стипендии за ученици – деца без родители.
Вкупно 920 стипендии ќе бидат доделени за средношколци Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година. Овие стипендии се распределени во четири категории и се со различен месечен износ, од 800 до 2.200 денари.
Во секој од конкурсите што денеска ги објави МОН се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање.
Постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk. Учениците кои немаат можност да аплицираат електронски, треба да пополнат хартиена пријава (евидентен лист) и да ја достават потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука, директно или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј” бр. 54, 1000 Скопје.