Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) денеска усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и за злосторства против човештвото во Појасот Газа.
За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а 6 против, вклучително и САД и Германија, објавија британските медиуми.
Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и на меѓународното право за човекови права со цел да се стави крај на неказнивоста“.
Во резолуцијата се изразува и „голема загриженост поради извештаите за сериозни прекршувања на човековите права и сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучително и можни воени злосторства и злосторства против човештвото на окупираната палестинска територија“.
Постојаната претставничка на Израел во ОН во Женева Меирав Ејлон Шахар го обвини Советот дека „долго време го напушта израелскиот народ и долго време го брани Хамас“.
– Според резолуцијата пред вас денеска, Израел нема право да го штити својот народ, додека, пак, Хамас има целосно право да убива и да мачи невини Израелци – рече таа пред гласањето.
Шахар истакна дека гласот „за“ е глас за Хамас.
САД гласаа против резолуцијата бидејќи не содржи конкретна осуда на Хамас за нападите извршени на 7 октомври, ниту „какво било повикување на терористичката природа на тие акции“.
Сепак, тие изјавија дека Израел не направил доволно за да ги ублажи страдањата на цивилите.
– САД постојано го повикуваа Израел да ги прекине воените операции против Хамас за да се избегнат цивилни жртви и да се осигура дека хуманитарните актери можат безбедно да ја извршуваат својата основна мисија – рече постојаната претставничка на САД во Советот Мишел Тејлор.
Според неа, тоа не се случило и за само 6 месеци во овој конфликт загинале повеќе хуманитарни работници отколку во која било војна во модерното време. Советот за човекови права на ОН, кој се состанува неколкупати годишно, е единственото меѓувладино тело дизајнирано да ги штити човековите права ширум светот.