Хуманитарната ситуација во Газа е „катастрофална“, предупредија вчера пет агенции на Обединетите нации (ОН), посочувајќи дека болниците се „претрупани“ со ранети и дека децата „умираат со алармантна брзина“. Светската здравствена организација, Светската програма за храна, УНИЦЕФ, Програмата за развој и Фондот за население во заедничко соопштение потсетуваат дека хуманитарната ситуација во Газа била „очајна“ и пред конфликтот што го предизвикаа нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври, а сега станува алармантна.
Тие ја повикаа меѓународната заедница „да направи повеќе“ за да им помогне на луѓето во Газа.
Агенциите на ОН наведуваат дека „децата умираат со алармантна брзина, без право на заштита, храна, вода и здравствена заштита“.
„Болниците се преполни со ранети. На цивилите им е се потешко да добијат основна храна. Има многу малку време до нагло покачување на стапката на смртност поради појавата на болести и недоволните здравствени капацитети“, предупредуваат светските организации во заедничкото соопштение за ситуацијата во Газа.
Појасот Газа, под израелска копнена, воздушна и морска блокада откако Хамас ја презеде власта таму во 2007 година, е сиромашна површина од 362 квадратни километри која е под „целосна опсада“ од 9 октомври од страна на Израел, кој ја исклучи водата, електричната енергија и снабдувањето со храна.
Првиот конвој со хуманитарна помош со 20 камиони, според ОН, влегол вчера од Египет преку граничниот премин Рафах, единствениот кон Појасот Газа кој не е во рацете на Израел. Овој број е крајно недоволен, според ОН, кои бараат 100 камиони со хуманитарна помош дневно за 2,4 милиони жители на Газа лишени од сè.
-На луѓето во Газа им треба многу повеќе, итно е потребна масовна испорака на помош – рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на маргините на мировниот самит во Каиро. .
Во крвавиот конфликт што изби на 7 октомври, Хамас во изненадниот напад уби повеќе од 1.400 луѓе на израелска територија, главно цивили кои беа покосени со куршуми, живи запалени или умрени по тортурата на првиот ден од офанзивата на палестинското исламистичко движење од Газа, соопштија израелските власти.
Во појасот Газа, повеќе од 4.300 Палестинци, главно цивили, загинаа во континуираното израелско бомбардирање, според Министерството за здравство на Хамас во Газа. Покрај тоа, Хамас држи околу двесте заложници, според израелската армија.