Американскиот весник Њујорк Тајмс објави нови снимки кои, како што тврдат, докажуваат дека руските сили егзекутирале најмалку осум украински затвореници на 4 март во Буча, мал град недалеку од Киев.
Според текстот, на видеото се снимени последните моменти од животот на украинските затвореници. Американскиот весник наведува дека видеото го снимила надзорна камера од една од куќите, а новинарите на весникот разговарале и со сведоци.
– Има заложници кои лежат покрај оградата – вели лицето кое снимило едно од видеата и потоа изброило „еден, два, три, сигурно, четири, пет, шест“.
– Приведени се вкупно девет лица – вели снимателот.
Затворениците на снимката се принудени да паднат на земја, вклучително и еден човек облечен во светло син дуксер со качулка. Снимката завршува во тој момент, но осум сведоци кои ги интервјуираа новинарите на Њујорк Тајмс изјавиле дека Русите ги одвеле затворениците зад блиската деловна зграда која била окупирана од руски војници, а претворена во привремена база.
Потоа се слушнале истрели по што затворениците не се вратиле.
Снимката со дронот еден ден подоцна, на 5 март, до која исто така дојде Њујорк Тајмс, е првиот визуелен доказ кој ги потврдува изјавите на очевидците. На него се гледаат тела како лежат на земја до деловната зграда на улицата Јаблунска бр.144, додека двајца руски војници стојат на стража до нив. Помеѓу телата на снимката се гледа светло син блесок, веројатно од затвореникот во син дуксер, се наведува.
Украинските и меѓународните истражители се во Буча во потрага по докази за воени злосторства, откако фотографиите од убиените цивили направени на улиците на градот го обиколија светот. Оттогаш, руската армија се повлече и ги пренасочи своите војници во источниот регион Донбас.
Москва ги негира обвиненијата за воените злосторства во Буча, а фотографиите на убиените цивили ги нарекува „провокација“ од украинската разузнавачка служба СБУ која, наводно, ги инсценирала настаните во Буча.