Владиката г.г. Стефан забрани погреби за време на празнувањето на Св. Никола и правилото почнува да се применува од оваа година. Починатите од сабота, недела и од понеделник ќе се погребуваат во вторник, објави А1.он.
Скопската православна епархија потврдила дека нема погреби за време на празнувањето на Св. Никола, Божик и Велигден.
„По барање на целокупното свештенство од Скопската православна епархија, а за што се известени и директорите на АД ‘Бутел’ – Скопје, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан дал благослов на денот на празнувањето на Св. Никола да не се извршуваат погребенија, пракса што црквата ќе ја применува и за саботните задушници, како и за празниците Божик и Велигден“, соопшти Скопската православна епархија.
Од управата на Градските гробишта „Бутел“ неофицијално појаснија дека забраната се однесува на верските обреди поврзани со погребите, а не и на самиот чин на погребување. Доколку некој реши, погреб може да се организира, вклучително со изложување на починатиот во капела, но нема да има свештеник.
Фото: МИА