„Спротивните електрични полнежи се привлекуваат, а еднаквите се одбиваат“ е долгогодишен основен принцип на физиката на кој сите сме учени. Но нашиот наставник можеби погрешил, сметаат истражувачите од Хемискиот оддел на Универзитетот во Оксфорд, пренесува Њузвик.
Тие открија дека честичките со слично полнење потопени во растворите можат да се привлечат една со друга на долги растојанија, во зависност од употребениот растворувач и знакот на полнењето. Студијата е објавена во списанието „Nature Nanotechnology“.
Ова, според нив ќе го промени начинот на кој размислуваме за лековите и за хемикалиите. Истражувачите откриле и како да ги измерат својствата на електричен полнеж потопен во некој раствор. Тие следеле негативно наелектризирани честички кои, сосем неочекувано, се привлекле една со друга формирајќи хексагонални редови.
– Сè уште ми е фасцинантно да се видат како се привлекуваат овие честички, дури и кога сум го видел ова илјада пати – рече Сида Ванг, првиот автор на студијата.
Иако овие негативно наелектризирани честички се привлекувале една со друга, позитивно наелектризираните не се привлекувале.
Научниците веруваат дека феноменот е предизвикан од привлечна сила присутна само во водата, која ја надминува вообичаената електростатска одбивност, дозволувајќи им да се формираат овие кластери.
Меѓутоа, оваа привлечна сила немала влијание врз позитивно наелектризираните честички во водата.
Научниците откриле дека тие биле во можност да манипулираат со формирањето на овие кластери со менување на киселоста на водата, попозната како Ph-вредност. Сепак, без разлика каков бил Ph, позитивно наелектризираните честички сè уште не се привлекувале.
Тимот пробал да испита дали ова ќе се смени ако водата се замени со алкохол и тогаш постигнале успех. Овојпат позитивно наелектризираните честички на силициум диоксид се привлекувале формирајќи класетри, а негативно наелектризираните честички не.
„Овде експериментално демонстрираме дека растворувачот игра досега непредвидена, но клучна улога во меѓучестичките заемодејства, и најважно, дека интеракциите во течната фаза можат да ја нарушат симетријата за враќање на полнежот“, напишаа авторите на студијата.
„Покажуваме дека во воден раствор, негативно наелектризираните честички можат да се привлечат на долг дострел, додека позитивно наелектризираните честички се одбиваат. Во растворувачите кои покажуваат инверзија на нето молекуларниот дипол на интерфејсот, како што се алкохолите, откриваме дека обратното може да биде точно: позитивно наелектризираните честички може да привлечат додека негативните се одбиваат“.
Mожеби за нас, обичните смртници, останува прашањето: а дали ова важи за љубовните врски кај луѓето? Кој со кого се привлекува?