Нова бура се движи од Словенија кон Хрватска, Босна и Херцеговина и кон Србија, по разорното невреме кое во средата однесе најмалку четири животи и предизвика големи материјални штети во регионот.
Словенечката агенција за заштита на животната средина наведува дека рано утринава две посилни „суперклеточни“ бури се формирале во близина на словенечката граница со Италија и патуваат кон исток. Првата отишла во внатрешноста на Словенија, а втората го зафати подрачјето јужно од местото Бовац.
За цела Словенија е издадено портокалово предупредување поради можно невреме. Повторно постои опасност од засилен ветер, дожд и град, јавуваат регионалните медиуми. Врнежите може да предизвикаат и поројни поплави, се додава во соопштението.
Еден од неколкуте фронтови на бурата, кои доаѓаат од Словенија веќе пристигна над Загреб. Се движи од правец на Нови Загреб и моментално е над Самоборските Планини и поголемиот дел од Загреб. Од приближно истата насока дојде силно невреме во средата попладне. Во Загреб веќе врне, а се слушаат силни грмежи, известуваат хрватските медиуми.
Дирекцијата за цивилна заштита на Република Хрватска преку Фејсбук предупреди дека невреме со грмотевици од Горски Котар се движи во правец на Карловац и Загреб.
„Подгответе се за посилни грмотевици кои можат да предизвикаат големи штети и заштитете се од гром“, соопштија Републичкиот хидрометеоролошки завод на Хрватска.
Во поголемиот дел од Босна и Херцеговина на сила е портокалово предупредување поради можното невреме, обилни локални врнежи од дожд проследени со грмежи и засилен ветер со можна појава на град.
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија рано утринава издаде две предупредувања. Во првото се предупредува дека денеска и утре во попладневните и вечерните часови во Србија може да очекува тешко невреме, додека вториот се однесува на високи температури во текот на денот.