Скопјани пред неколку дена на располагање добија 500 електрични тротинети паркирани на повеќе локации низ Скопје, но несовесните граѓани веќе оштетија неколку од нив.
На социјалната мрежа Твитер се појавија фотографии на кои може да се забележи дека еден тротинет заврши во контејнер, а друг остана без екран.
Викендов ги имаше насекаде оставени по тротоари и раскрсници, токму пред пешачките премини, каде што им пречат на минувачите.
Инаку една од најуспешните компании за изнајмување на електрични тротинети во Турција од пред неколку дена се појави и на македонскиот пазар. Имено, на скопјани на располагање им се 500 електрични тротинети паркирани на повеќе локации низ Скопје, од Ѓорче до Ново Лисиче.
Така, едноставно може да изнајмите електричен тротинет кој може да го пребарате со неколку клика од вашиот паметен телефон, да се превезете до посакуваната дестинација и тротинетот да го оставите каде ви одговара низ Скопје, а истиот ќе биде пронајден од компанијата преку ГПС-системот.
Сите изнајмувања и користења согласно правилата се вршат преку мобилната апликација BinBin.
За да се користи електричен тротинет, граѓаните ќе треба да ја симнат апликацијата, за која бар-код има на пунктовите, кои инаку се отстапени од ЈП Градски паркинг. Самата паликација нуди повеќе начини на плаќање.
Цената за изнајмување на тротинет е 9 денари минута, но доколку преку апликацијата ставите средства од 300 денари, добивате плус 45 денари гратис, а доколку ставите 500 денари, добивате плус 100 денари гратис. Така, цената испаѓа околу 7,3 денари за минута возење.