More

    Новиот закон за македонски црни листи ќе го помрачи правниот систем

    spot_img

    Владата вчера доцна попладне објави дека го усвоила предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки. Идејата на предлагачот, Министерството за надворешни работи, е американските и британските црни листи да станат основа за санкционирање и од страна на нашите институции. Така барем нештата ги разбира ресорниот министер Бујар Османи. И тоа не е спорно, се разбира.

    Предлагачот го доставил предлог-законот во декември минатата година, но на адреса на Владата на 26 декември стасало негативно мислење од Министерството за правда за овој текст. А мислење од ресорот Правда побарала вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Познавачите велат дека таа, всушност, е клучниот лик што стои зад овој предлог-закон.

    Текстот на предлог-законот, за кој вчера расправала Владата, не е суштински различен од оној за кој Министерството за правда дало негативно мислење, со многу сериозни аргументи и со разумни насоки за тоа како можат да се остварат целите што ги поставува законописецот. Веројатно поради тоа непочитување на мислењето на најстручниот ресор кога е во прашање правната материја, текстот на предлог-законот вчера бил прифатен само условно, со обврска предлагачот во рок од пет дена да прибави мислења од повеќе ресори, а потоа премиерот Димитар Ковачевски да одлучи дали во предвечерјето на демисијата на неговата политичка влада и непосредно пред формирањето на новата техничка влада, предлог-законот ќе го пушти во собраниска процедура.

    Закон што воопшто не треба да се менува и да се дополнува

    Што е спорно во овој предлог-закон?

    Најкусиот одговор на ова прашање е многу едноставен – се е спорно! Или, попрецизно, спорни се предложените измени и дополнувања.

    „Суштината на Законот за рестриктивни мерки е да овозможи ефективна и ефикасна борба против тероризмот и против финансирањето на тероризмот. Генезата на овој закон е резолуцијата 1267 на ООН за тогашната настаната ситуација во Авганистан. Согласно со воспоставените меѓународни стандарди, целта на овој закон е зачувување на безбедноста, мирот, демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, а не и борба против корупцијата и криминалот, како што се предлага во измените и дополнувањата содржани во предлог-законот“, се вели во точката 1 на Мислењето на Министерството за правда.

    Во точката 7, пак, Министерството за правда го поучува предлагачот на измените и дополнувањата на Законот за рестриктивни мерки дека проблематиката која е во фокусот на интерес и поради која, всушност, се менува Законот, може да се реши со примена на постоечкиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја.

    „Имено, во овој закон е уредена меѓународната правна помош меѓу Република Северна Македонија и други држави, и тоа во однос на доставувањето списи, писмени докази и предмети што се во кривична постапка во државата молител, доброволно доставување информација, односно спонтани информации, како и размена на информации и известувања. Со тоа, доколку одредена држава има докази или сознанија за одредени кривични дела на наши државјани, таа може истите, преку каналите на меѓународна соработка во кривична материја, да ги достави до надлежните домашни органи и обратно, доколку правосудните органи во Република Северна Македонија имаат сознанија за криминално поведение во странство, можат да побараат информации од странска држава. Исто така, наведениот Закон предвидува признавање и извршување на странски кривични пресуди, од страна на домашните надлежни судови, како и пренос на казнени постапки. Согласно наведеното, укажуваме дека во нашиот правен систем постојат законски механизми за соработка во кривична материја, кои целосно кореспондираат со релевантите меѓународни стандарди и затоа сметаме дека предложените законски решенија не би требало да бидат прифатени, бидејќи се во спротивност со Уставот и со Европската конвенција за човековите права“.

    Овој дел од респективното мислење на Министерството за правда, потпишано од министерот Кренар Лога, јасно и гласно кажува дека постоечкиот Закон за рестриктивни мерки не треба воопшто да се менува, ниту да се усвојува било каков друг нов закон, за да се оствари посакуваната цел. Едноставно, доколку постојат било какви информации, сознанија или докази за сторени кривични дела од страна на лицата наведени во т.н. „црни листи“ на САД – кај нас тие се актуелни, нели – тие можат да бидат доставени до надлежните органи во нашата земја преку механизмите на меѓународна соработка во кривичната материја. А доколку постојат странски кривични пресуди или казнени постапки, постојат законски утврдени механизми и стандарди за нивно извршување во нашата земја или за трансферирање во странски земји.

    Македонската дипломатија ќе стане и обвинител?

    Зошто тогаш, наспроти ваквото стручно, јасно и прецизно мислење на Министерството за правда, предлагачот на измените на Законот за рестриктивни мерки инсистира на својот текст?

    Одговорот се крие во текстот на предлог-законот, во кој се подметнати навистина вџашувачки решенија, со кои се газат Уставот, Европската конвенција за човекови права, принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска и целиот македонски правен систем.

    Во членот 8 став 1 од предложените измени на Законот за рестриктивни мерки, се вели: „Владата на Република Северна Македонија, на предлог на надлежните органи од членот 9 од овој закон, донесува одлука за воведување, изменување и престанување на важење на рестриктивните мерки“. Владата ги определува видот на рестриктивната мерка, органот за спроведување на рестриктивната мерка и/или времетраењето на рестриктивната мерка.

    Лицето против кое е воведена рестриктивна мерка може да поведе управен спор пред Управниот суд. Подоцна, кога ќе стане збор за какви рестриктивни мерки станува збор, ќе стане јасно зошто Министерството за правда, во точката 5 своето Мислење, изразува загриженост дека „наведените одредби се проблематични и во контекст на членот 13 од Европската конвенција за човековите права, која го гарантира правото на ефикасен правен лек“.

    Но, тука поинтересно е прашањето кои се надлежните органи од фамозниот член 9, кои ќе ѝ предлагаат на Владата кој да се најде на нашите македонски „црни листи“. Во точката 1 од членот 9 се вели дека во врска со рестриктивни мерки усвоени од Советот на Европската Унија, правните акти на САД или на Обединетото Кралство или правните акти на други меѓународни организации во кои членува Република Северна Македонија во согласност со меѓународното право, Министерството за надворешни работи е органот кој до Владата на Република Северна Македонија доставува предлог за донесување одлука за воведување рестриктивни мерки во Македонија.

    Надлежни за доставување предлози за воведување рестриктивни мерки се и Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, Управата за финансиско разузнавање и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Но, централна улога сепак има ресорот што сега го води Бујар Османи.

    Какви се тие „разумни основи за сомневање“?

    Во членот 10 од предложениот законски текст се вели дека „предлогот од членот 9 ставовите 2, 3 и 4 од овој закон, во прилог содржи листа на определени лица за кои постојат разумни основи за сомневање дека учествуваат или на кој било начин се поврзани со активности на тероризам и/или пролиферација, како и против корупција, и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата. Листата на определени лица од ставот на овој член содржи податоци за име и презиме на физичко лице или назив на правно лице, група или организација и други податоци кои ќе овозможат нивно прецизно идентификување“.

    Да запреме за момент со анализата на законскиот текст, за да видиме што, всушност, утврдивме до сега.

    Значи, врз основа на рестриктивните мерки воведени првенствено во САД (добро, во ЕУ и во Велика Британија), но и врз основа на предлози кои би дошле од други органи на нашата извршна власт, Владата би носела одлуки за воведување рестриктивни мерки против македонски граѓани, всушност листи „на определени лица за кои постојат разумни основи за сомневање дека учествуваат или на кој било начин се поврзани со активности на тероризам и/или пролиферација, како и против корупција, и други кривични дела против службената должност, организираниот криминал и хибридни активности против државата“.

    Со други зборови, во текстот на предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, всушност, е подметнат еден сосема нов закон, чие вистинско име, всушност, треба да биде – закон за македонски црни листи. (Ова под услов се уште да важи придавката „македонски“).

    Што е спорно до тука?

    Пред се, Министерството за правда во своето мислење нагласува дека воведувањето рестриктивни мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото кралство“ е во спротивност со уставниот поредок и со суверенитетот на Република Северна Македонија. Не измислуваме ништо, од збор до збор го цитираме Мислењето на ресорот со кој сега раководи Лога. За да бидете сигурни во тоа, на крајот на овој текст објавуваме и фотографии од ова мислење. „Меѓународни рестриктивни мерки се носат врз основа на акти на меѓународни организации, како што се ООН, ЕУ и други“, појаснува ресорот.

    Во точката 3 од Мислењето се вели: „Министерството за правда смета дека донесувањето рестриктивни мерки со одлука на Владата на Република Северна Македонија, врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и со системот на казненото право воопшто“. Во точката 4 од Мислењето на Правда, се дообјаснува: „Воведувањето вакви мерки со владина одлука врз основа на основи за сомневање, за случаи на корупција и криминал, претставува директна повреда на одредбите од Уставот и на меѓународните стандарди. Имено, во овие случаи наведени во предлог-законот, за разлика од кривичната постапка, за предметот да дојде во судска постапка, е неопходно основите за сомневање да се потврдат на ниво на основано сомневање и потоа на ниво на обвинување. Дури потоа пред судот, во јавна и контрадикторна постапка, е потребно да се докажува вината на обвинетиот. Спротивно на ова, согласно предлог-законот, ќе може врз основа на основи за сомневање, да се воведат рестриктивни мерки, меѓу кои и замрзнување на имотот на определено правно или физичко лице, без спроведување постапка и со одлука на Владата. Министерството за правда укажува дека ова е од исклучително значење, бидејќи судот претставува орган на судската власт кој суди врз основа на Уставот, законите и на меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а Владата е дел од извршната власт, што остава сомнеж за злоупотреба на рестриктивните мерки за политички цели“.

    Во една лаичка интерпретација, Министерството за правда ни кажува дека со предложениот текст на измените на Законот за рестриктивни мерки, Владата комплетно го нарушува системот на поделба на власта и себеси се прогласува и за обвинител и за судија, кој суди и пресудува врз основа на основи за сомневање. Колку што авторот на овој текст памети што се случува на политичката сцена во оваа земја, а памети добри 40 години, ова е прв случај некој да се обиде на вака груб начин да ги погази основите на политичкиот и на правниот систем во државата.

    Дали вакво нешто е дозволено во САД и во Обединетото Кралство, на пример?

    Големи прекршувања на Европската конвенција за човекови права

    Во точката 5 од Мислењето на Министерството за правда, се предупредува дека предложените измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки се во спротивност со Европската конвенција за човековите права.

    „Имено, доколку вака предложените измени и дополнувања во форма на законски текст би биле донесени од Собранието, би се соочиле со проблеми во однос на гаранциите од членот 6 на Европската конвенција за човекови права, кој го гарантира правото на правично судење. Така, доколку овие прашања во конректни апликации се покренат пред Европскиот суд за човекови права, Судот во Стразбур прво би ја разгледувал целта на одземањето за да утврди дали е применлив членот 6 во неговиот кривичен или граѓански аспект. Особено проблематичен ќе биде фактот дека за воведувањето вакви рестриктивни мерки нема да постои правосилна судска одлука“, се вели во Мислењето.

    Дополнителни проблеми би биле непостоењето ефикасен правен лек, кршењето на презумпцијата на невиност и повредата на правото на одбрана во контрадикторна постапка.

    „Замрзнување“ имот без судска одлука?!

    Да ги проанализираме сега и мерките со кои законописецот наумил да се справува со корупцијата како со тероризмот.

    За граѓаните опфатени со новите, проширени основи за рестрикции (сомневање за корупција и криминал), од особена важност се т.н. „финансиски мерки“, кои подразбираат „забрана за користење, пренос, конверзија, трансфер или друг вид на располагање со имот, забрана на ставање на располагање на каков било имот, директно или индиректно, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос“. Овие мерки се однесуваат и на „имот со кој целосно или делумно, директно или индиректно располагаат, го користат, го имаат во сопственост или го контролираат определените лица“, како и на „имот кој потекнува или произлегува од имот со кој целосно или делумно, директно или индиректно располагаат, го користат, го имаат во сопственост или го контролираат определените лица или имот дополнително стекнат од страна на определените лица по различни основи“.

    Министерствпото за правда смета дека овие мерки од предлог-законот се во колизија со Правото на сопственост содржано во членот 1 од Протоколот бр.1 на Европската конвенција за човекови права, кој го гарантира правото на сопствено и на слободно располагање со имотот.

    „Така, наведениот член од Портоколот бара мерката да е законска, да има легитимна цел и да е пропорционална, на пример, на јавниот интерес во случајот. Во предложените измени и дополнувања на законот не е предвидено одмерување по принципот на пропорционалност, и тоа најмалку од страна на суд“, се вели во Мислењето на ресорот Правда.

    Дополнително, во текстот не е наведено кој имот би бил спорен и кој е тој што треба да одлучи на кој имот би се однесувале рестриктивните мерки.

    Интересно е дека предложениот текст воведува нова мерка – забрана за вршење функција. Но, во точката 8 на Мислењето на Министерството за правда, категорично се вели дека таа мерка е во спротивност со Уставот и со меѓународните стандарди, а особено со Европската конвенција за човековите права.

    Конечно, поради многуте слабости во предложениот текст на измените и дополнувањата на Законот за рестриктивни мерки, Министерството за правда сугерира да се побара мислење и од Венецијанската комисија и од Европската комисија.

    Брутално газење на правниот систем

    Сосема на крајот, мал коментар и од авторот на овој текст.

    Министерството за правда – со право, со причина и со гранитно цврсти аргументи – буквално го „масакрира“ предложениот закон за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки. Ресорот во кој веројатно има најмногу стручни правници оправдано укажува дека законописецот ја утнал материјата и предложил законски решенија за прашања кои се решени со друг закон.

    Ресорот Правда упатува и на основните принципи на кои почива политичкиот систем во една демократска земја, каква што е Македонија: поделба на власта на законодавна, извршна и судска и неповредивост на основните човекови права, гарантирани и со меѓународни конвенции ратификувани од Македонија (со тоа тие станале дел од домашниот правен поредок).

    Никој во нормална земја не би прифатил против било кого да се воведат било какви рестрикции без правосилна судска пресуда. Не може да се прифати Владата да пресудува наместо судот. Не може никој да обвинува и да суди врз основа на сомневања чии основи не се потврдени, без оглед дали тие сомневања потекнуваат од САД, од Обединетото Кралство, од некое наше домашно „кралство“, од Министерството за надворешни работи или од било кој надвор од системот.

    Едноставно, не постои доволно силен и легитимен мотив и оправдана причина со еден ваков законски текст да се нанесат толкави штети и вака брутално да се загрози правниот систем во Македонија.

    Борбата против криминалот и корупцијата мора да продолжи и да се засили и нема никаква дилема дека сечија помош и соработка во таа насока се и ќе бидат добредојдени. Никој не ги оспоорува ни мотивите ни ентузијазмот на нашите стратешки пријатели, Американците, Британците и Европјаните. Но, постојат механизми, утврдени со Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, дизајниран според највисоките меѓународни стандарди и целосно функционален, кои овозможуваат помошта и поддршката од нашите пријатели да се насочи во институциите на правосудсниот систем и секоја информација, сознание или доказ за било чие криминално или коруптивно поведение да стаса на вистинската адреса.

    Точно е дека македонското правосудство е девастирано од децениските притисоци од извршната власт и од партизираната администрација. Точно е тоа дека судиите и обвинителите демонстрираат недостиг на волја и интегритет за борба против криминалот и корупцијата. Но, за тоа не е виновен системот, не се виновни ни законите. И затоа проблемите нема да се решат со усвојување нови франкенштајн закони, со кои повторно политички ќе се подјармува судската власт. Имавме еден таков обид со формирањето на Специјалното јавно обвинителство и видовме колку неславно заврши таа епизода.

    Кому му е потребно да се создаде закон кој ќе биде нова можност за нови политички пресметки и нови поделби во општеството? Наместо уште едно замајување со експерименти, за кои однапред знаеме дека нема да донесат ништо добро, а ќе предизвикаат многу зла крв, не е ли попаметно политичките елити конечно да се свртат кон вистински реформи во правосудството и со вистинска борба против криминалот и корупцијата?

     

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img