Новиот министер за одбрана на Украина, Рустем Умеров и лично се огласи во врска со своето татарско потекло откако медиумите ја објавија неговата биографија. Тој објасни зошто е толку фокусиран на победата во војната против Русија, велејќи дека Москва ја окупирала неговата татковина Крим пред неколку векови, мислејќи на 18 век, кога Руската империја за првпат го одметнала полуостровот, а дел од Татарите пребегале во Османлиската империја.
Во објавата на социјалната мрежа Tвитер, сега позната како Икс, Умеров напиша:
„За мене, оваа војна не започна во 2022 година, па дури ни во 2014 година. За моето семејство и за кримските Татари, војната со Русија започна пред неколку века, кога Москва првпат го окупираше мојот роден Крим. Роден сум откако моето семејство беше депортирано и како дете живеев низ тешкотиите предизвикани од рускиот колонијализам, кој се обиде да ги натера домородните кримски Татари да се чувствуваат како да се вонземјани во сопствената земја. Ниту тогаш не им успеа, ниту нема да успеат. Нашата главна цел денес е да ја добиеме војната“.
Депортацијата на која веројатно мисли Умеров е фактот дека Сталин веднаш по Втората светска војна раселил над 180.000 Татари од Крим во Узбекистан каде требало да почнат да живеат од нула. Подоцна во СССР, под Горбачов, оваа одлука била променета за тие да се вратат, но вистинското враќање не почнало пред 1990-тите години.
По краткиот мир и враќање на огништата, Татарите во 2014 година потпаѓаат под Руската Федерација кога Крим беше одземен од Украина. Денес Татарите се во центарот на војната меѓу Западот и Истокот.
Низ историјата Татарите биле принудени да ја поддржуваат и Русија, но и Украина, со надеж дека нивните права ќе бидат остварени. Во Втората светска војна бројот на Татари кои ѝ се приклучиле на Црвената Армија е само малку поголем од оние кои им помагале на нацистите. Сепак, во 1943 година, Татарите застануваат на страната на СССР.