More

    Новиот Центар за трансплантација на хематопоетски клетки ќе прима годишно 120 пациенти

    spot_img

    На Универзитетската клиника за хематологија од денеска e пуштен во употреба новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки. Центарот има модерна медицинска опрема со која може да се третираат 120 нови пациенти годишно.

    Сместен е на нов кат на површина од 800 метри квадратни и е донација од Амбасадата на САД, која преку Европската команда на американската армија финансиски ја поддржа изградбата со милион евра. Останатите средства се обезбедени од ФЗО со поддршка од Министерството за здравство и од Владата.

    Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис информираше дека станува збор за регионален Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки кој освен пациенти од Македонија, има капацитет да лекува и пациенти од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и од Албанија, земји каде што овие интервенции сѐ уште се недостапни.

    – Ова е една од најважните инвестиции во јавното здравство во последните години. Со отворање на овој Центар за трансплатација на хематопоетски матични клетки на нашата Клиника се воведуваат највисоки светски стандарди за лекување на едно од најтешките хематолошки заболувања. Трансплантација на хематопоетски матични клетки претставува најсложена биолошка интервенција при која клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав донор, со што може да се излекуваат најтешките малигни хематолошки заболувања – рече Пановска Ставридис за време на свеченото отворање на Центарот.

    Како што посочи таа, за потребите на овој Центар се планираат и 30 нови вработувања на медицински кадар.

    Директорката информираше дека од 2018 година до денес се извршени вкупно 320 трансплантации. Сега се очекува двојно зголемување на нивниот број.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити во своето обраќање рече дека годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од земјава и 10 до 15 лица од соседните земји, кои досега не биле прифаќани поради немањето простор и капацитет на установата.

    – Ми претставува посебно задоволство што денес сите заедно присуствуваме на пуштањето во употреба на новоизградениот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Клиниката за хематологија. Изразувам посебна благодарност до Амбасадата на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави за оваа инвестиција да стане реалност со обезбедените средства од Програмата за помош од Европската команда на американската војска. Со оваа значајна инвестиција го означуваме почетокот на работа на ова ново одделение, со што за пациентите обезбедуваме услови за лекување какви што нудат најсовремените центри од ваков вид во светот. Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, овозможува Клиниката да служи не само на јавното здравство, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување хематолошки болести во поширокиот регион – изјави Меџити.
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img