Македонија ќе се претстави на Венецијанскиот филмски фестивал со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска. Ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот, после речиси 30 години.
По успехот на „Пред дождот“, Манчевски ја имаше честа со својот нареден филм „Прашина“ да го отвори фестивалот. Филмот „Најсреќниот човек на светот“ ќе биде прикажан во програмата Хоризонти, каде ќе се натпреварува за награди за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.
– За мене е голема чест да се биде дел од најстариот и еден од највлијателните фестивали на светот, возбудата и радоста се големи. Соочувањето со публиката е клучниот елемент во нашето создавање. Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија, бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато. Ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и за апсурдноста. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од наслоени искуства. Филмот е базиран на вистинска приказна и тоа директно од авторот на сценариото Елма Татарагиќ – изјави Теона Стругар Митевска денеска на прес конференција.
„Најсреќниот човек на светот“ е филм кој всушност говори за тешкотијата на помирувањето, кое е неопходно за да се може да се продолжи со животот во мир после војна. Филмот зборува за Асја, 40-годишна жена која се пријавува на организиран настан за барање партнер. Таму се среќава со Зоран, нејзин врсник, кој е дојден да се запознае токму со Асја, но не е дојден во потрага по љубов.
– Македонскиот филм ниже успеси, доказ за тоа се бројните учества на реномирани фестивали, како и номинациите и наградите кои ги добиваат. Можам нескромно да кажам дека македонските филмаџии веќе имаат стил кој се препознава во светски рамки. Самата селекција во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал за „Најсреќниот човек на светот“ е огромен успех, сам по себе. Очекуваме пред сè одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект – истакна директорот на Агенција за филм, Бојан Лазаревски.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата е поддржана од Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево.