More

    Новиот директор на АНБ ги отфрли обвинувањата во врска со неговото именување

    spot_img

    Именувањето на директор со одлука на Владата е реализирана во сериозна и внимателна постапка ценејќи ги сите законски услови за именување директор. Одговорно тврдам дека во целост ги исполнувам сите законски услови за именување на оваа позција. Имам скоро дводецениско искуство во безбедносниот сектор, од кои околу десет години раководен стаж во УБК и МВР, вели новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

    Христовски во интервју за „360 степени“ нагласува дека обвинувањата и изјавите од одредени политички партии, базирани на шпекулации и претпоставки, се дневнополитички теми и оти не би сакал да коментира „бидејќи секој мој коментар би значел одговор и дополнително навлегување подлабоко во теми во кои не е потребно да се навлезе“.

    – Законот е тој, донесен е во 2019 година со изгласување од страна на двотретинско мнозинство во нашиот Парламент. Најпрво и најважно за мене е законот да биде почитуван, како од мене така и од сите вработени во Агенцијата и сите други учесници во системот што треба да го почитуваат. Факт е уште една работа – дека веќе година дена или откако се вратив односно пред да бидам вратен во Министерство за внатрешни работи, со моја официјална изјава за повлекување од членство и секаква друга припадност кон партиските структури, се повлеков од ВМРО-ДПМНЕ и оттогаш па наваму немам апсолутно никакви партиски, политички активности. Но, треба да се запрашаме и за уште една работа – доколку кај мене случајот е една година од повлекувањето да сум именуван за директор од страна на Владата, во случаите на претходни двајца директори немаше поминато ниту еден ден од нивните политички или партиски активности, па дури се сомневам и дека во текот и на нивното работење биле под политичко влијание и дека истото го пренесувале во вид на притисок на вработени во службата. Тие сомневање и индиции ќе бидат дополнително проверени следниот период – изјави Христовски.

    На прашањето дали тој може да биде објективен во проверките, Христовски рече дека „ниту смее, ниту може, ниту сака, ниту политички ќе делува во АНБ“.

    – Тие што ме познаваат знаат дека сум професионалец и дека никогаш не ги мешам моите лични ставови и идеолошка, не партиска определба, нагласувам, во мојата работа. Точно знам да поделам што е тоа што е мое лично мислење, а што е тоа што е работа, професионализам и работење по законот – вели тој.

    За известувањето на ДКСК дека е отворен предмет по анонимна претставка за назначувањето на Христовски за директор на АНБ, тој одговори дека е отворен за соработка зашто е легалист, иако најверојатно главните прашања на Антикорупциска ќе бидат насочени кон Владата.

    – Моето формално отчленување од партија е пропратено со моја апсолутна политичка неактивност во изминатиов период, а посебно тоа ќе биде покажано на дело од првиот ден на моето именување, па во следниот период. А тоа Владата, институциите и граѓаните ќе може да го видат на дело, а тие дела ќе бидат зачувување и подобрување на безбедноста состојба во државата односно единствена надлежност што ја има Агенцијата – внатрешната безбедност на државата – изјави Христовски.

    Христовски повтори дека во моментот поседува безбедносен сертификат од степен „строго доверливо“ што е ниво под „државна тајна“.

    – Безбедносен сертификат за одредена категорија на пристап до класифицирани информации се добива кога работникот или именуваното лице има потреба од пристап и ракување со одреден степен на класификација, односно сертификатот не се бара и не се доделува за потенцијално назначување на позиција, туку откако лицето ќе биде назначено на тоа место – вели Христовски.

    Во однос на критиките за евентуалното спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање, што во јавноста го иницираше премиерот Мицкоски, Христовски вели имаат погрешен фокус и оти, наместо тоа треба да се обрне „внимание на ефикасноста на надзорните тела кои ќе ја набљудуваат работата на новоформираната агенција“.

    – Зарем мислите дека не е концентрација на моќ и постоењето на АНБ како една служба? АНБ и Агенција за разузнавање се доволно моќни и сами по себе. Спојувањето би ги направило малку помоќни, но во една служба. Но, клучен фактор за разбивање на таа концентрација на моќ е квалитетниот, ефикасниот и во пракса функционален надзор на службите или на таа нова служба што би се направила. Тоа е граѓанскиот, експертскиот надзор, парламентарниот надзор. Треба повеќе да се насочиме кон тоа. Кон функционалност на надзорот на службите, а не на тоа дали ќе има концентрација на моќ или не. Кога има добар надзор, не може да има концентрација на моќ – изјави Христовски.

    Тој смета дека законот за спојување на двете агенции треба многу детално да ги предвидува сите обврски, надлежности, одговорности на новата агенција, а на надзорните тела да им се дозволи овластувања од парламентот за да нема повеќе злупотреби во службата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img