Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка, Романија, Полска, Бугарија и од сите други земји кои станаа земји членки на ЕУ. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓаните од кои што порано сме имале поголем стандард бидејќи тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката на нашите стратешки партнери, пред се САД и земјите членки на ЕУ – рече премиерот Димитар Ковачевски на официјалната средба со членот на Сенатот на САД Крис Марфи, којшто е во посета на Северна Македонија.
– Вашата посета во Вашингтон беше од голема важност, беше триумфална, ги потврдивме цврстите билатерални односи меѓу САД и Северна Македонија. Навистина со нетрпение очекував да дојдам тука и да дознаам како може да го зацврстиме ова партнерство уште повеќе, но и да ве поттикнам вас и Собранието на вашиот пат кон ЕУ – рече американскиот сенатор Марфи по средбата со премиерот Ковачевски.
Ков ачевски и Марфи разговарале како да се зајакне соработката меѓу Северна Македонија и САД, посебно во услови додека земјата ги прави следните чекори во европската интеграција.
– Несомнено е дека ни претстои пат со тешки и храбри одлуки и она што со задоволство можам да го кажам е дека ние на тој пат имаме силна поддршка од Соединетите Американски Држави и од нивните високи претставници. Секое пријателство кое нѐ уверува дека сме на правиот пат е од исклучителна важност за нас како држава – рече премиерот Ковачевски.
Нагласувајќи ја силната поддршка од САД за земјава, сенаторот Марфи потенцира дека Северна Македонија мора да продолжи со спроведувањето на политики кои водат до полноправното членство на ЕУ бидејќи тоа е единствената опција која води до стабилност, мир и безбедност, како во земјата, така и во регионот и пошироко.
Ковачевски посочи дека нашето силно партнерство со САД се гледа и во економијата.
– Трговската размена со САД лани изнесувала четврт милијарда долари. Во моментов имаме 12 големи американски компании кои доаѓаат и од САД меѓутоа и од Канада, од северноамериканскиот континент. Повеќето компании се од автомобилската индустрија, но дел влегуваат и во енергетиката и електрониката, тука ги имаме „Леар”, „Дура”, „Адиент”, но морам да ги посочам и „Бехтел и Енка” кои ќе работат на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава, исто така морам да го споменам „Јагео” еден од најголемите светски производители на чипови, односно „Кемет” со кого работат во партнерство како најскоро позната инвестиција кои ќе придонесат сериозно за раст и развој на македонската економија и нешто што беше незамисливо до пред извесно време денес станува реалност, односно во нашата држава ќе се произведуваат компјутерски чипови за автомобилска, авионската и медицинската индустрија – рече Ковачевски.
На средбата, премиерот Ковачевски се заблагодари на огромната поддршка која САД и ја пружа на нашата држава, оценувајќи дека Северна Македонија останува стабилен, стратешки партнер и докажан сојузник на САД, билатерално и во НАТО, фокусирана на демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани по светскиот мир.