Камионџијата кој ја предизвикал тешката сообраќајна несреќа кај Обреновац во Србија бил позитивен на дрога, дознава порталот Нова.рс. Несреќата се случила кога камионот кој се приклучил од спореден пат удрил во автобусот. Во сударот, на лице место загина возачот на автобусот, а над 20 лица се повредени.
– Според првите информации, возачот на камионот кој е приведен бил позитивен на допинг тест – вели извор на порталот Нова.рс запознаен со случајот.
Неофицијалните информации засега говорат дека камионџијата бил позитивен на амфетамин.
Како што соопшти денеска српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, возачот на камионот најпрво побегнал од местото на несреќата по судирот со автобусот. Во меѓувреме е пронајден, приведен и задржан во притвор во траење до 48 часа.
Според информациите објавени во српските медиуми, има индиции дека возачот на камионот од споредниот пат во Стублин небезбедно свртел на регионалниот пат, па удрил во предниот дел на автобусот кој се движел од правец на Стублин кон Обреновац.