Токсиколошките наоди на починатите деца на брачната двојка Лав и Мартина П. С. од Србија, кои скокнале од зграда и се самоубиле откако си ги убиле децата, покажале присуство на алкохол во крвта на телата на децата, пренесува порталот Блиц според неофицијални сознанија од извор запознаен со истрагата.
Токсиколошките наоди покажуваат присуство на алкохол и во крвта на родителите, а се вршат понатамошни анализи за да се утврди можно присуство на други супстанции кои можеби им влијаеле на расудувањето, според друга статија со понови информации на Блиц.
– Според токсиколошките наоди, во телата на децата бил присутен и етанол покрај другите супстанции, кој можеби е причина за нивната смрт, а не пестициди според почетните сомнежи. Но, и другите супстанции можеби предизвикале смрт, па токсиколозите сѐ уште вршат вештачења за процентот на алкохол во телата на децата за да ја утврдат можната штета со оглед на возраста и на тежината на децата – рекол изворот.
Изворот додал дека трето лице не учествувало во злосторството, но сигурно не се знае дали осомничените заедно си ги отруле децата или само еден од нив го сторил тоа.
Младата брачна двојка извршила самоубиство со скок од зграда во населбата Лиман во Нови Сад. Влегле во зграда на булеварот Цар Лазар 7, се качиле на последниот кат, ја скршиле стаклената врата, се качиле на покривот, а потоа заедно скокнале. Според станарите на зградата, тие не им биле соседи. Потоа се утврдило дека живееле во населбата Петровардин во Нови Сад.
Набргу се открило дека си ги убиле децата пред да извршат самоубиство. Телата на двете деца, стари 1 година и 3 години, се пронајдени во куќата на Лео и на Мартина во Петровардин. Тие се погребани минатата недела заедно со мајка им во Бачки Петровац во Војводина, а таткото е погребан во Белград.
Во нивната куќа на ѕидовите имало египетски симболи, па постоеше сомнеж дека можеби биле членови на некој култ или, пак, секта.