Новелата „Волга, волга“ на Јерговиќ е хроника на едно ненајавено искупување

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Потресната животна приказна на Џелал Пљевљак е во фокусот на вниманието на романот на Миљенко Јерговиќ „Волга, волга“ (Антолог, 2023). Животот на несреќникот Пљевљак е раскажан низ три дела на новелата, кои се именувани: „Под дрвото Закум“, „Најсамиот човек на Земјата“ и „Стани, сине Аврамов“.

Во првиот дел писателот нѐ запознава со Пљевљак кој секој петок патува по 116 километри од Сплит до Ливно за да оди во џамија да се клања и потоа се враќа назад. Оваа навика Џелал ја имал во последните 15 години од својот живот откако му се случиле големи семејни трагедии – исчезнувањето на ќерката и самоубиството на сопругата. Еден ден, неговата „волга“ ќе се расипе во местото Фатуми и тој ќе побара помош од едно семејство, за кое во тој момент нема да знае дека ќе му ја запечати судбината засекогаш.

Првиот дел од романот е напишан загадочно, без објаснувања како нешто се случило и што следело. Но, затоа во вториот дел „Најсамиот човек на Земјата“, Јерговиќ ги дава речиси сите одговори. Тука дознаваме дека Џелал некогаш имал семејство, дробна ќерка, која исчезнала на училишна екскурзија во прво одделение откако ја дала Титовата заклетва. Со таа загуба Џелал и неговата сопруга Мерсиха тешко се носеле. До тој степен што мајката Мерсиха си го одзела животот пиејќи есенција, искористувајќи ја можноста додека една есен киселеле пиперки со сестра ѝ.

Во третиот дел писателот ни ја разјаснува ситуацијата како Џелал завршил во затвор. Тој всушност се пријавил дека ја сторил сообраќајката во која загинале четворица. Се пријавил дека е сторителот за да го спаси Мурат кој пијан ја зел „волгата“ на Џелал и удрил во маж, жена и во нивните близнаци и ги усмртил.

„Јас сум слободен, јас ќе го средам тоа со луѓето, а ти средувај со драгиот Бог, во тоа, брате мој, не можам да ти помогнам“, му рекол Џелал на Мурат и со тоа му дал нов живот, а својот го запечатил како убиец и затвореник, надевајќи се дека тоа ќе биде крајот на неговите земни маки.

Џелал го спасил семејството на Мурат и му дал шанса каква што животот ретко дава – да престане да пие и да им се посвети на сопругата и на детето. А Џелал, па тој е слободен и среќен човек, кој му се моли на бога. Ликот на Џелал е комплексна личност, која преживеала многу страдања и ја зела на себе сета одговорност. Тој решава да се искупи од своите трагедии, преземајќи туѓа вина и осудувајќи се себе на 12 години казна затвор – највисоката казна за сообраќајка со смртен исход во бивша Југославија, додава писателот.

Џелал е човек кој нашол некаква смисла на своето постоење и покрај тоа што веќе немал за кого и за што да живее.

За оваа новела Јерговиќ вели дека е документаристичка фантазија. За да делува приказната убедливо и вистинито, тој ја поткрепува со новински написи, со вистински личности и настани од времето за кое пишува. И во овој роман Јерговиќ е хроничар на едно сложено време, на неколку животни судбини во една држава за која вели дека „ако не сме можеле да ја сочуваме, не сме требале ни да ја имаме“.

Новелата на Јерговиќ е непредвидлива до самиот крај, кога всушност тој со нов пресврт ни ја открива тажната судбина на Џелал, кој решил да ја земе судбината во свои раце – пресудувајќи за себе затвор, а за друг живот. Тоа му се чинело веројатно како чекор поблиску до смртта. Толку посакуваниот излез кога нема друг излез од неразјаснетите околности на судбината.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article