Сузи Вајлс, менаџерката на кампањата на Доналд Трамп, ќе биде шефица на кабинетот на Белата куќа. Трамп ја нарече Вајлс „ледена дама“ која работи во позадина.
„Сузи Вајлс ми помогна да постигнам една од најголемите политички победи во американската историја и беше составен дел од моите успешни кампањи во 2016 и 2020 година“, се вели во соопштението на Трамп по повод назначувањето на Вајлс на функцијата.
„Сузи е цврста, паметна, иновативна и се восхитува и почитува насекаде. Не се сомневам дека таа ќе ја направи нашата земја горда“, се додава во написот.
Вајлс ќе биде првата жена на функцијата шеф на кабинетот на Белата куќа. Шефот на кабинетот обично има големо влијание, управува со персоналот во Белата куќа, го организира времето и распоредот на претседателот и одржува контакт со другите владини оддели и пратеници.
Таа е позната како една од највлијателните политички оперативци во САД, пишува Би-Би-Си.
Помалку од една година по влегувањето во политиката, таа се приклучи на кампањата на Роналд Реган пред претседателските избори во 1980 година. Таа во 2010 година го претвори Рик Скот, тогаш бизнисмен со мало политичко искуство, во гувернер на Флорида за само седум месеци. Скот сега е американски сенатор.
Вајлс се сретна со Трамп за време на републиканските претседателски прелиминарни избори во 2015 година и стана еден од лидерите на неговата кампања на Флорида. На изборите во 2016 година, тој ја освои таа држава со разлика од 1,6 отсто пред Хилари Клинтон.
Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, кој две години подоцна ја стави на чело на неговата успешна трка за гувернери, ја опиша Вајлс како „најдобра во оваа работа“.